Во нацртот на заклучоците од Самитот на ЕУ, што ќе се одржи на 23 и 24 јуни, точката за Македонија е сѐ уште празна. Ова го јави дописничката на МИА која вели дека дојде до текстот на нацртот. Не се ставени на хартија ниту дискусиите за кандидатскиот статус на Украина, Молдавија и Грузија, кон чие добивање на кандидатски стастус колебање изразија некои членки на ЕУ.

Заклучоците од Самитот за проширувањето на ЕУ, сега преименувани во „Поширока Европа”, првично се занимаваат со идеите за „нова платформа” за вклучување на сите земји на европскиот континент и продолжување на предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за Европска политичка заедница. Тука е споменат и Западниот Балкан, земјите од Источното партнерство и сите држави партнери на ЕУ.

„Целта е да се поттикне политички дијалог и соработка за справување со прашањата од заеднички интерес за да се зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент“, се наведува во нацрт документот, што ќе им биде доставен на шефовите на држави или влади на ЕУ на 23 и 24 јуни.

Документот потенцира дека оваа „рамка” нема да ги замени постоечките инструменти на ЕУ, меѓу другото и проширувањето.

Понатаму лидерите се очекува повторно да изразат силна поддршка и заложба да и помогнат на Украина. Меѓутоа, дискусиите за кандидатскиот статус на Украина, Молдавија и Грузија, исто така, се уште не се ставени на хартија, бидејќи мал број земји членки на ЕУ изразуваат колебање околу доделувањето на ваквиот статус на трите држави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.