И покрај малиот напредок во областите на независните медиуми и изборниот процес, земјава и натаму важи за хибриден режим во транзиција, наведено е во најновиот извештај на Фридом Хаус насловен како „Нации во транзиција“.

Извештајот покажува дека во целиот регион е забележан пад на демократијата, а како што е наведено во текстот, бројот на држави оценети како демократски не бил толку мал дури од 1995 година кога првпат бил објавен ваков извештај – од вкупно 29 држави, тогаш 10 биле оценети како демократии, 10 како хибридни режими и 9 како авторитарни режими. Но, сега, 25 години подоцна, 6 држави се оценети како демократии (Естонија, Летонија, Литванија, Чешка, Словачка и Словенија), 4 се оценети како полуконсолидирани демократии (Полска, Романија, Бугарија и Хрватска), 10 како хибриден режим (Украина, Молдавија, Грузија, Босна и Херцеговина, Унгарија, Србија, Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово), една држава е оценета како полуконсолидиран авторитарен режим (Ерменија) и 8 земји важат за консолидирани авторитарни режими (Русија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Узбекистан, Туркменистан и Азербејџан).

Според документот, Косово и Македонија се единствените земји од регионот кои оствариле напредок во однос на минатогодишниот извештај (напредокот на Македонија изнесува 1 процент), но тие и понатаму припаѓаат во категоријата хибридни режими. Во истата категорија припаѓаат и Албанија и Босна и Херцеговина, додека, пак, Хрватска е единствената држава од регионот која се смета за делумно косолидирана демократија.

Од друга страна, пак, извештајот остро ги критикува Србија, Црна Гора и Унгарија за падот на демократските стандарди и сите три земји за првпат ги класифицира како хибридни режими.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.