Македонските официјални претставници изразија разочарување што Европската Унија уште еднаш не и додели датум за почеток на преговори на Македонија поради бугарското вето. И Албанија, која е во пакет со нашата земја не доби датум за меѓувладина конференција. Премиерот Зоран Заев на маргините на Економскиот самит во Скопје изјави дека големата, визионерската идеја за обединета Европа денес има проблем. На Самитот вчера учествуваше и албанксиот премиер Еди Рама.

Заев оцени дека одлуката на ЕУ да не ја закаже првата меѓувладина конференција со Македонија и Албанија е големо разочарување, но, и огромен неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето и лоша порака за целиот регион.

Негова порака до домашните и за европските граѓани и политичари е дека алармот е вклучен и оти суштината и вредностите на ЕУ се доведени во прашање.

Европските вредности се заеднички за земјите од ЕУ, но и за земјите кандидати за членство кои ги прифаќаат и ги развиваат. И еве денеска тие вредности се афирмираат од Западен Балкан – инклузивноста, мобилноста, толеранцијата, правдата, солидарноста. Треба да знаат сите од ЕУ кои овие вредности ги прифатија и ги промовираат како составен дел од европскиот начин на живот дека никој и со ниту еден акт не смее да ги доведе во прашање човечкото достоинство, еднаквоста и солидарноста, владеењето на правото, човековите права – изјави Заев.

Тој е дециден дека ние не сме сами и оти нема да бидеме изолирани, македонскиот и албанскиот народ, како што кажа, пред себе имаат ист пат.

Ние не запираме, а знам дека на овој пат со нас се и Србија, Црна Гора, Косово, БиХ. Ние сме Европа без разлика дали ЕУ ќе успее да ги тргне блокадите или не. Нашите народи и влади среде Балкан демонстрираат европски манири. Забрзано ги тргаме пречките и границите меѓу нас, за граѓаните, услугите и стоките да ни се движат слободно. Имаме заеднички идеи, предизвици и култури со нашите братски народи од регионот. И тука сме со премиерот Рама да најавиме дека ќе си ги зближиме уште повеќе народите – порача Заев.

Претседателот Стево Пендаровски на средба со делегација од Парламентот на Албанија, предводена од Мими Кодели, пратеничка и претседателка на Комисијата за надворешна политика, се согласиле дека двете држави заслужуваат да почнат преговори со ЕУ, што позитивно ќе се одрази и на регионот.

Соговорниците се согласија дека и Македонија и Албанија заслужуваат неодложно да ги започнат преговорите со Европската Унија, при што оценија дека тоа ќе се одрази позитивно врз целиот регион и е геостратешка инвестиција во стабилна и просперитетна Унија – соопштија од Кабинетот на Пендаровски.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на панел на Економскиот самит во Скопје рече дека навистина е важно да видиме остварување на ветувањето за европерспективите на регионот дадено во Солун.

Тој најави продолжување на реформите, но процесот на пристапување, како што кажа, ќе ни помогне да го направиме тоа подобро. И Димитров посочи дека оваа блокада на евроинетргцијата на земјата е проблем и за самата ЕУ.

Гашпер Довжан, државниот секретар во словенечкото МНР, во онлајн обраќањето најави дека претстојното словенечко претседателство со ЕУ во втората половина на годинава ќе биде фокусирано на регионот и ќе се базира на три столба. Првиот столб е продолжување на процесот на проширување на ЕУ, старт на преговорите со Македонија и со Албанија и отворање нови поглавја со Србија и со Црна Гора. Вториот столб на словенечкото претседателство со ЕУ ќе биде спроведување на економскиот инвестициски план и отворање преспективи за младите, економска сработка во регионот и заеднички регионален пазар, додека третиот ќе биде создавање платформа за изнаоѓање решенија за отворените прашања во регионот.

Албанскиот премиер Еди Рама од Скопје исто така ја коментираше одлуката на ЕУ.

ЕУ потфрли уште еднаш да донесе вистинска одлука. Што и да се случи, што и да се одлучи во Брисел ние ќе останеме посветени да ја зајакнеме економијата, да ја подобриме благосостојбата на нашите народи и да го сочуваме нашето достоинство. ЕУ може да поставува задачи, може да поставува рокови, датуми, но не може да ја смени локацијата на Албанија и Македонија кои се наоѓаат во средината на Европа, ниту иднината на нашите народи како европски народи во европското семејство – изјави Рама.

На таа тема на Самитот зборуваше и евроамбасадорот Дејвид Гир, кој кажа дека заложбите од Солун се јасни и живи.

Сите сакаме да го видиме отворањето на преговорите што е можно побрзо, но мора да останеме со чисти глави. Основите не се променети, заложбите од Солун се јасни и живи. Регионот на Западен Балкан е дел од Европа, неговото минато, сегашност и иднина се поврзани со ЕУ и логично е дека неговата иднина е во ЕУ. Да не забораваме, тоа е стратешка цел и на ЕУ – порача тој.

Евроамбасадорот нагласи дека одлуката не треба да влијае на реформите, бидејќи патот кон ЕУ е пат на реформи и со нивното спроведување, прво Македонија дополнително се приближиува до ЕУ и второ со самото отворање на преговорите секоја преземена реформа го прави патот кон целосно членство пократок.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.