Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека очекува да пристигнат од Бугарија двајца од вкупно седумте пациенти кои беа хоспитализирани во болницата „Пирогов“. Министерот утрово разговарал со директорот на тамошната болница.

Тие се испишуваат во стабилна состојба како што впрочем беа целокупниот овој период. Станува збор за 17-годишна девојка и уште еден повозрасен пациент. Тие имаат повреди, треба да бидат сместени на Клиниката за пластичната хирургија, тука се обезбедија места – изјави пред Ургентниот клинички центар, министерот за здравство Венко Филипче.

Посочи дека пациентите ќе бидат задржани на опсервација и согласно тоа колку време треба да останат ќе бидат хоспитализирани после што ќе направат проценка да се испишат на натамошен домашен третман.

Пристигнаа колегите од Психијатрија со цел да се даде и психолошка помош што е многу битно во овој момент, така што целосно сме подготвени да ги преземеме овие пациенти и да продолжи лекувањето – рече Филипче.

Одговарајќи на новинарски прашања рече дека сегашната најава е дека тројца други пациенти треба да дојдат во понеделник.

Ќе искомуницираме уште еднаш во утрешниот ден, ќе ги организираме возилата ако состојбата го дозволува тоа ќе го организираме и транспортот. Сите се во стабилна состојба и сите се со полесни повреди, освен едниот пациент кој имаше два хируршки зафати, еден поради скршеница на потколеницата и друг поради нешто посериозно скршеница на два пршлени и тој е во стабилна состојба, така што сите овие останати имаат повреди кои се во сферата на пластичната хирургија – посекотини, нагмечувања итн., а тој пациент во сферата на трауматологијата – додаде Филипче.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.