Зоран Заев не е жртва, туку Република Македонија е жртва на неговиот криминоген карактер, неодговорноста и неспособноста, смета најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ.

Според нив,  Македонија три години е држава која е загубена во корупција, нееднаквост пред законот и расипништво.

Извинувањата за злоделата на Зоран Заев не помагаат да се исчисти срамот и конечно да се тргне напред. Заев треба да одговара за своите постапки. Заев со своите несериозни и расипнички постапки ја срами Република Македонија каде и да стигне и ризикува да ги влоши односите на земјава со меѓународните партнери, се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.

Според партијата, мора да има одговорност, не само поради последниот меѓународен срам со кој што ја засрами и Македонија и нашите партнери и пријатели, туку и поради низата погрешни политики и скандали кои што тој и неговите функционери ги прават во континуитет.

Заев треба да понесе одговорност затоа што земјава не доби датум за преговори со Европската Унија. Македонија не доби датум заради немањето реформи од страна на власта што го потврдија и странските дипломати во земјава. Затоа Заев наместо да бара изговори и да обвинува други, треба да ја понесе одговорноста за овој неуспех.  Одговорност треба да има и за високата корупција, криминалот, местените тендери на функционерите од врхушката на власт, но и непотизмот кој како канцер го зафати нашето општество, велет од ВМРО ДПМНЕ.

Според нив, Заев треба да одговара затоа што ја уништи македонската економија која е на дното во Европа, граѓаните стануваат посиромашни, долгот вртоглаво расте, додека бизнисите на неговата фамилија од ден во ден се повеќе се шират.

Одговорност мора да има и заради шерифското однесување на државните функционери кои киднапираат и тепаат граѓани, се закануваат, купуваат нелегални супстанци и шверцаат цигари без да одговараат пред законите. Заев треба да одговара и за заробеното судство и обвинителство кои единствено служат за прогон на неговите политички неистомисленици и амнестија на своите криминали и криминалите на соработниците.
Република Македонија предводена од Зоран Заев и СДСМ не е ниту демократска ниту европска држава. Државата и граѓаните можат да имаат европска иднина и просперитет единствено кога Заев и СДСМ ќе си заминат од власт и ќе се вратат правото и правдата во Македонија, вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.