Во полната сала на Македонската филхармонија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги поздрави членовите на Извршниот комитетна Унијата на жени и на Унијата на млади сили, на Ветераните и основачите, пратеници, градоначалници им го честита 29 роденден на партијата.

Свечениот дел од говорот Мицкоски го започна со зборовите „Македонија е жива“.

Покрај сите бури, сите премрежја, сите пакости кои се случија овие 29 години, Македонија е жива. Тој вулкан на непокорот и најдлабокото чувство кое доаѓа од срцето и кое не прави горди, и среќни не само што тлее, туку татни. Татни затоа што покрај сите неправди и беспаќа секогаш го одбиравме потешкиот, но вистинскиот пат. А ВМРО е чуварот на оваа земја.

И има приказни кои траат долго, и тоа е така затоа што оваа наша приказна има идеологија, цврста арматура во која кодот е ВМРО, а целта на нашето постоење е нашата Македонија. И еве не тука 29 години, по сите премрежја и се она што го минавме особено последниве години, ВМРО-ДПМНЕ се крева. И не само што сме на нозе, туку брзо чекориме, трчаме заедно со народот, да ја спасиме нашата земја од пепелот кој го оставаат. Да изградиме иднина, да го фатиме чекорот со другите од соседството кои нè поминаа. Но не само да ги стигнеме, туку и да бидеме подобри. Затоа што оваа земја мора по сите порази и  сите неразбрани трговци влезени во политиката да почне да победува. А победата не е нешто недостижно. Потребно е да се има сон, мотив и чест, рече Мицкоски.

Мицкоски потсети на идеалите на основачот на партијата, Драган Богдановски, кого го нарече човек со визија основоположник на она што е ВМРО-ДПМНЕ денес.

Во референдумскиот манифест во 1991 година ќе напише: „Покрај мрачната страна на политичките огледала во кое се топи ликот на македонската република, постои и светла страна. Интересите на Македонија бескомпромисно и неуморно ги заштитува татковинската илинденска партија ВМРО-ДПМНЕ, која во судбоносните историски моменти се потврди како борец за независна македонска држава. Иако шиканирана од власта, прогонувана, клеветена, ВМРО-ДПМНЕ исполнува во политичкиот живот на македонската република многу важна улога бидејќи таа е носител на илинденскиот идеал на македонскиот народ за независна држава”.

А тој го продолжи она што пред 126 години го создадоа шестемина македонски интелектуалци. Тргнаа зашто веруваа. Пострадаа, зашто не се откажаа. Тие за време на нивните животи не успеаја, но успеа нивната идеја, а таа е Македонија. И ова го кажувам не за да бидам неискрено сентиментален, туку за да доловам каква обврска имаме сите ние, и каков грамаден товар на човечки судбини, идеи и верувања сочинува нашата партија, каде честа, слободата и човекот се најголемата вредност. А нашиот сон за Европа, и за европските вредности, наспроти искривувањето на вистина и смислените етикети кои ни ги редат од власта за да го покријат сопствениот неуспех, е дел од нашата најцврста арматура врз која се градат нашите политики. Ние не веруваме во подарени чуда, во розови очила, тоа не постои, туку веруваме во сопствениот труд, и во честа. А ВМРО е чест, идеологија, и вредности. И веруваме во Македонија, рече тој.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.