Членови на граѓанското здружение „Македонија блокира“, кои протестираат пред македонското Собрание против уставните измени, побараа од полицијата да пушти тројца нивни претставници, кои ќе присуствуваат на пленарната седница и ќе им ги пренесат пораките од протестот на пратениците.

Тие од собраниското обезбедување биле известени дека седницата е одложена за попладнево во 16 часот.

Им порачувам на пратениците да излезат овде и да ни се приклучат. Парите се трошат, но во историјата ќе бидат запишани како предавници. Македонија ќе опстане, дали денес или утре, Македонија била и ќе биде, рече Драган Угриновски од „Македонија – блокира”.

Жарко Гроздановски од здружението „Христијанско братство“ го повика претседателот Ѓорге Иванов да им се придружи на протестот и да прогласи воена состојба, бидејќи пред него лично Зоран Заев дал гаранција дека нема да го промени името и уставот на Република Македонија, а доколку тоа не го направи, нагласи дека, и тој влегува на листата на предавници.

Претседателот на „Единствена Македонија“ Јанко Бачев изјави дека нивни член е на разговор со претседателот Иванов во неговиот кабинет.

Ова е само првата фаза. Ова е полесниот пат денеска да ги спречиме да го извршат националното предавство. Меѓутоа, има уште еден пат што дополнитено ќе следи, доколку ова не успее. Ова е марионетска власт која не сака да го почитува народот. На 30 септември народот јасно си кажа. Затоа, дали треба да и дозволиме на оваа збирштина да избрише се што е македонско, рече Бачев на протестот.

Денешниот протест е организиран од граѓанските здруженијата „Tврдокорни” и „Македонија блокира“. Улицата пред Собранието е целосно блокирана, а се забележува и зголемено присуство на полицијата.

Протестот, како што велат организаторите, ќе трае се додека не заврши пленарната седница, ќе вршат притисок и нема да дозволат да бидат усвоени уставните измени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.