Македонец на седумдесет и тригодишна возраст е во кома откако вчера му се слошило по примена вакцина против ковид-19 во салата „Чаир“ во Ниш, Србија, потврдува директорот на Универзитетскиот клинички центар Зоран Перишиќ, пренесе српскиот медиум „Јужне вести“.

Во текот на вчерашниот ден, на мажот му се слошило по што бил хоспитализиран. Перишиќ вели дека не е позната причината зошто му се влошила состојбата на пациентот, но вели дека тоа не е поради срцеви проблеми.

Со оглед на тоа дека пациентот имал операција со четири бајпаса, направена е и коронарографија и сликани се и бајпасите, нема знаци за инфаркт, ништо не се случило околу срцето. Така што, тие причини се исклучени, вели Перишиќ.

Додава дека во зависност од здравствената состојба на пациентот ќе се направи и дополнителна дијагностика.

Во текот на викендов поголем број македонски граѓани се вакцинираа во Србија. Во саботата во Ниш започна и вакцинирањето на бизнисмените од регионов како резултат на договорот меѓу стопанските комори.

Организацијата за вакцинирање ја води Здравствениот дом од Ниш, а директорот Милорад Јеркан првично за случајот со македонскиот пациент рече дека му се слошило поради премореност.

Како што информираат „Јужне вести“, освен овој случај, друг застој во процесот на имунизација немало и дека во Ниш се вакцинирани околу 4 илјади лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.