Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници на ОМО „Илинден“ и претставници на неколку други здруженија на граѓани од Република Бугарија.

Претставниците на здруженијата го информираа претседателот Пендаровски за нивната работа и активности во областа на човековите права, промовирање на толеранција и градење на граѓанско општество. На средбата му изложија серија проблеми со кои се соочуваат, заедно со мноштво примери за систематската дискриминација и институционализиран говор на омраза против Македонците во Бугарија, информираат претставниците, кои се претставуваат како бугарски државјани со македонска свест и самоопределба.

Благодарни за можноста да ги претстават проблемите, грижите и очекувањата на Македонците во Бугарија пред претседателот на Македонија, тие истакнуваат дека работат во рамките на идеите во Европската конвенција за правата на човекот и законите на Бугарија.

Ние сме далеку од секаква форма на екстремизам и сепаратизам, нагласуваат претставниците на здруженијата и ОМО „Илинден“.

Поддржувајќи ги добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија, истакнуваат дека за да бидат вистински, добрососедски и трајни тие треба да бидат рамноправни и принципиелни, базирани на добра волја и меѓусебна почит, а не на уцена и стремеж кон доминација.

Затоа ние категорично го осудуваме ветото на Бугарија пред започнувањето на преговори за влегување во ЕУ на Македонија, како и барањата и претензиите против македонската историја, јазик и култура. Отворените прашања меѓу двете земји треба да се решаваат преку примена на принципот на реципроцитет и заемна почит.

Клучен проблем за Македонците во Бугарија, е тоа што индивидуалните права на припадниците на македонското малцинство во Бугарија се фундаментално нарушени.

Самото постоење на малцинството категорично официјално се негира. Македонската самосвест и самоопределба без никоја разумна причина се третираат како национално предавство, антидржавна дејност и закана за единството и територијалниот интегритет на Бугарија. Ниту едно од правата предвидени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства не им е дадено на Македонците независно што истата е ратификувана од Бугарија. Ние дури и немаме базично и фундаментално за демократијата право како тоа да создаваме и делуваме преку свои партии и организации, а исто така оние од нас кои имаат второ македонско државјанство немаат право да се кандидатираат на избори. Заради нашата етничка припадност ние сме постојан објект на говор на омраза, кој никогаш не се казнува и сме стигматизирани како непријатели на државата. Преку сето тоа сме систематски маргинализирани и исклучени од општествениот и политичкиот живот на земјата во која живееме. Нашите обиди да си ги бараме и штитиме правата преку бугарските институции константно се отфрлани и блокирани. Бугарските власти одбиваат да започнат дијалог со нас за постоечките проблеми независно од редовните препораки кон нив за тоа од страна на институциите во рамките на Советот на Европа и 14 пресуди од страна на Европскиот суд за човекови права. Претседателот Радев не само што нема прифатено ниту едно од нашите барања да не прими, но дури и не нема удостоено со било каков одговор.

Овие проблеми постојат веќе 32 години во демократска Бугарија.

За жал тие никогаш официјално не се поставени од страна на македонските влади пред Софија. Ако ова прашање беше решено како што и требаше во 1998 г. кога Р Бугарија бараше почеток на преговори за членство во ЕУ, ниту македонското малцинство, а нито Македонија, денес немаше да бидат во положбата во која се наоѓаат.

Ние сме револтирани од барањата на Бугарија Македонија да се откаже од македонското малцинство во Бугарија и дури да изјави дека такво не постои, стои во соопштението по средбата со Пендаровски. Претставниците на македонското малцинство во Бугарија велат дека такво скандалозно барање под било каква форма ќе значи раскин на врската меѓу македонската држава и македонското малцинство во Бугарија и во суштина – велепредавство.

Единственото правилно и достоинствено решение е и двете малцинства – македонското во Бугарија и бугарското во Македонија – да добијат идентични права согласно меѓународните стандарди за правата на малцинствата. Двете малцинства треба да се претворат во мост за зближување, а не причина за конфликт. Така ја гледаме ние својата ролја – како дел од решението, а не од проблемот. Ние пледираме за активна позиција на македонската држава спрема македонското малцинство во Бугарија. Во таа насока Бугарија позитивен пример  со својата грижа за Бугарите во Македонија, кој може да биде искористен од Македонија.

Македонија исто треба да побара рехабилитација на Македонците репресирани во време на комунизмот од бугарската држава и отворање на бугарските архиви, како и да го поддржи расветлувањето и истражувањето на оваа тема.

Учесниците го искажуваат своето задоволство од средбата, која помина конструктивно во позитивен дух и дава надеж за почеток на нова пооптимистичка тенденција.

Тезата дека застапувањето за правата на македонското малцинство претставува мешање во внатрешните работи во Бугарија е целосно неоснована, зашто од една страна правата на човекот не се ексклузивно внатрешно прашање на која и да било држава, а од друга – Бугарија отворено се меша во корист на Бугарите во Македонија. Тоа не би било и нарушување на нерамноправниот договор за добрососедство, зашто многу припадници на македонското малцинство во Бугарија имаат и македонско државјанство.

Од Македонија побараа да одржува активна комуникација со македонските организации во Бугарија во рамките на меѓународно прифатените стандарди.

Вие и претставниците на македонските државни институции исто како и бугарските сте секогаш добро дојдени како гости на нашите јавни манифестации во Бугарија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.