ГОРАН СТЕФАНОВСКИ: Имаме многу неуспокоени сеништа од минатото, нерешени јазли, кревка државна традиција, монструозни историски поделби, оспорување од сите страни. Нашето минато е како палимпсест. Врз еден слој е нанесен друг, врз другиот – трет и во нашите училишта историјата се учи како серија на насилства. Како да се освои минатото за да стане цврст темел врз којшто може натаму да се гради иднината на државата и на поединецот?

КИРО ГЛИГОРОВ: Минатото, барем нашето минато, може да се прочита и да се слушне во разни верзии: зависи кој сосед, која ориентација, кои политички и други цели биле во игра во еден определен историски период и кој нив ги толкува. Во тој поглед постојат огромни разлики во гледањето на нашата историја.

Не можам да зборавам, кога бев во Њујорк, за прием на Македонија во Обединетите нации – целата работа се случуваше во 24 часа, а таму одеднаш се најдоа Македонци од речиси сите делови на светот: од Австралија, Канада и од Европа. Задоволството кај луѓето беше огромно. Почувствуваа дека, конечно, нешто важно се случува и за нас, како народ. Откога тоа се заврши во ОН, им предложив на присутните Македонци да се почестиме со по еден пијалок и да се дружиме малку. Дојдоа сите, беше доста весело. Меѓу тие Македонци беше една група од седум-осум помлади луѓе, кршни момци, растеле на австралиска почва, вработени, со семејства… Во еден момент, шест-седум австралиски Македонци ме опкружија и ми велат: “Господине претседателе, вие сега убаво зборувавте таму, но направивте една голема грешка – заборавивте да кажете дека ние сме потомци на Александар Македонски! Тоа е дел од нашата историја, ние во тој поглед сме еден од најстарите народи кои живееле на овие простори каде што е сега Македонија”… Јас во моментот помислив да разговарам со нив, да полемизирам, да им кажам дека, сепак, македонскиот народ се чувствува како словенски. Се разбира, ние имаме еден однос кон тие стари антички Македонци кои што живееле на просторите на цела географска Македонија и, за време на македонските кралеви, постигнале резултати во освојувањето на цели континенти и дека тоа е нешто што кај нашиот народ живее. Меѓутоа, да се идентификуваме со нив, тоа е многу тешко, затоа што се наоѓаме на едни простори каде што минале многу народи, многу војски, многу војни, се мешале народи и слично. И, им велам, јас не тврдам дека и денеска меѓу нас нема некоја капка крв останато од тие стари Македонци, но треба да се има предвид дека она што сме го донеле со себе на тие простори е словенска крв. Тие ме слушаа и ми велат: “Многу грешите, претседателе, тука е целата заблуда и на нашиот народ му се крие чии сме ние потомци”. Нас, велат, Словените ни го наметнаа јазикот и нè направија словенско племе, а ние сме народ, македонски, кој постоел од пред Библијата… И јас видов дека е илузорно да се расправа за таа работа со нив и реков: Добро, јас немам ништо против тоа што вие така се чувствувате. Конечно, точно е тоа дека ние не сме дошле во некоја ненаселена пустина, некој овде и пред Словените живеел. Ние сме се измешале со тој народ што таму живеел. Според тоа, вашата теза во извесна смисла држи вода, но целосно да се идентификуваме со тие антички Македонци и да заборавиме од каде сме дојдени и како сме дојдени, тоа, велам, исто така би било историска невистина. И така се разделивме.

Гледате, тие работи не се расчистени. Таа магла во врска со тоа можеби е проѕирна, но сепак е магличаво тоа наше минато на коешто секој, од некое делумно познавање на општата историја, извлекува заклучок дека сме ние тие, сол на солта што ја јадат. Мислам дека е еден голем проблем пред кој ќе стоиме во идните години и ќе треба да се расчистува таа работа, но не за нешто апсолутно да се негира или отфрли, туку за да се најде онаа нишка што ќе покаже во која мера тоа е вистина.

Целото интервју на „Офф.нет“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.