Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска ги демантира написите ека тестот за коронавирус го направила пред вчерашната теренска посета на Куманово.

Строго ги демантирам дезинформациите кои излегоа во јавност дека тестирањето за коронавирус сум го направила пред вчерашната теренска посета во Куманово. Резултатите од епидемиолошката анкета од другарот Мухамед ги добивме вчера вечер (недела, 31 мај), по што бев тестирана пред 20:00 часот. Од моментот кога ме контактираа епидемиолозите не сум го напуштила својот дом. Притоа, во текот на денешниот ден ги очекувавме и резултатите од моите родители, кои денеска дознавме дека се негативни. Грижата за нив, како повозрасни лица кои се во ризична група е стрес кој секоја ќерка го чувствува за своите родителиm напиша Лукаревска на Фејсбук.

Таа истакнува дека во секој момент од посетата во Куманово ги почитувала сите заштитни мерки.

Сакам едно нешто да биде јасно – прво како човек, а потоа како јавен функционер никогаш на никој не би го загрозила јавното здравје. Апелирам до секој добронамерен граѓанин, да не правиме сензационализам од состојбата на нечие човечко здравје. Независно од сѐ, луѓе сме пред сѐ. Се надевам дека мојата ситуација ќе биде поука за понатаму. Ширење паника и дезинформации, особено во време на криза, е опасно и основа за стигматизација во едно општество.
Вирусот е тука, сите може да бидеме изложени. Да ги почитуваме мерките, да се заштитиме себе и сите околу нас. Најважно од сѐ – да кажуваме точни и навремени информации, да бидеме искрени со лекарите затоа што тоа е најголемиот акт на општествена одговорност. Коронаворусот е тука, со него ќе живееме долго време. Да си помагаме, да се поддржуваме, заедно ќе надминеме, напиша Лукаревска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.