Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ го обезбедила последниот глас што недостигаше за донесување на Законот за јавно обвинителство, кој денеска беше усвоен со точно 80 гласа. По синоќешната неизвесност дали ќе има мнозинство за законот, затоа што недостигаше само уште еден глас, Поповска, според партиски извори, во последен момент одлучила да гласа „за“ – објави 360 степени.

Случајно или не, при првото изјаснување за Законот за ЈО, кое беше поништено, Поповска беше меѓу шестемина пратеници од мнозинството чиј глас не беше регистриран. Не се знае дали Поповска потоа гласала „за“ и за Законот за Совет на јавни обвинители, за кој немаше потреба од двотретинско мнозинство. Овој Закон беше донесен со 74 гласа.

Пред неколку дена се проширија гласини дека двете пратенички на ДОМ – Поповска и Маја Морачанин, која е сега претседателка на партијата, се колебаат околу тоа дали да гласаат за Законот за ЈО. Но Морачанин, во изјава за “360 степени” во петокот, најави дека ќе гласа „за“, а Поповска не одговори на телефонските повици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.