Во Собранието во тек е средбата на премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски со лидерите на парламентарните политички партии, на која треба да се разговара за европскиот пат на земјава, како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк политички и општествен консензус. На средбата присуствува и претседателот на Собранието Талат Џафери.

На средбата присуствуваат лидерите на ДУИ Али Ахмети, на ДОМ Маја Морачанин, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на Алтернатива Африм Гаши, на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, на ДПА Мендух Тачи, на Алијанса на Албанците Арбен таравари, на ВМРО-НП Љупчо Балковски, на Демократската партија на Србите во Македонија Иван Стоиљковиќ, на НСДП Горан Мисовски, на ГРОМ Стевче Јакимовски, на Социјалистичката партија Љупчо Димовски, на ЛДП Моника Зајкова, на Партијата на пензионерите Илија Николовски… На средбата не присуствуваат лидерите на Левица Димитар Апасиев и на Беса Биљал Касами.

– Средбата која ја свикува претседателот на Владата, се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус, соопшти Владата во најавата за свикување на средбата на 2 ноември.

Премиерот Ковачевски во саботата изјави дека лидерската средба ја свикал со цел сите политички партии кои се застапени во Парламентот заедно да разговараат за европската иднина на државата и за сите одлуки коишто треба да бидат доносени во еден широк, општествен и политички консензус.

– Убеден сум дека ќе дадат поддршка во носењето на брзи и квалитетни одлуки во Собранието. Дел од разговорите, нормално ќе биде скрининг процесот којшто се одвива после првата меѓувладина конференција помеѓу нашата дражва и ЕУ, објаснувачкиот скрининг и подготовките за билатералниот скрининг, потоа сите оние клучни аспекти коишто се однесуваат на интегрирањето на државата во ЕУ, а тоа е, пред се, владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата и економските аспекти на нашата соработка со ЕУ, рече Ковачевски.

Пред почетокот на средбата изјави дадоа лидерите на ДОМ Маја Морачанин, на ДПА Мендух Тачи, на ДС Павле Трајанов и на Алтернатива Африм Гаши. Беса, пак, извести дека нивен претставник нема да присуствува на средбата. Ставот на претставниците на овие партии е дека треба да се прават реформи за земјата да влезе во ЕУ, вклучувајќи и уставни измени.

Павле Трајанов од ДС рече дека ќе побара и Македонците во Бугарија да биудат признаени и да имаат право на здружување.

-Во името на Демократскито сојуз ќе побарам прва точка на средбата да биде да упатиме силна заедничка порака до Бугарија да ги признаат Македонците како национална припадност и да ги остваруваат сите свои права, да се здружуваат, да формираат клубови, вклучително да можат да формираат и политички партии. Тоа значи асоцијации преку кои ќе можат да ги негуваат своите национални обележја, културни, историски, јазични и други обележја што ја карактеризираат една нација, изјави пред лидерската средба.

Тој, како што кажа, ќе бара политички консензус од сите политички партии затоа што досега никој од државно – политичкиот врв не го покренува ова прашање, како што вели Трајанов, „ниту претседателот на државата, ниту претседателот на Владата, уште помалку министерот за надворешни работи“.

-Никој не бара Македонците да ги добијат своите основни права како што ги имаат Бугарите и другите етнички заедници во Бугарија, рече Трајанов, додавајќи дека нема ништо против тоа Бугарите да бидат дел од Уставот, но само на реципрочна основа односно „само да бидат признаени Македонците како национално малцинство и да бидат признаени нивните права на самоорганизирање“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.