На денешната лидерска средба во претседателската вила Водно, треба да се договори датумот за одржување на предвремените парламентарни избори. Со тоа ќе биде договорено и кога премиерот Заев ќе поднесе оставка и ќе биде формирана нова техничка влада според одредбите од Пржинскиот договор.

На средбата ќе присустуваат претседателите на најголемите парламентарни политички партии и од власта и од опозицијата.

За Заев потребни се брзи предвремени избори, за да се слушне гласот на граѓаните по кој пат да оди земјава, ‘по вистинскиот пат на демократски и европски вредности, патот на развој и просперитет што води напред или по мрачниот пат на изолација, национализам, поделби и конфликти што води назад‘. За лидерот на опозицијата Мицкоски после самитот во Брисел нема друго решение освен избори бидејќи токму ‘лошото и криминално владеење на СДСМ е причината поради која Македонија остана без датум за почеток и преговорите со ЕУ‘.

Конкретен датум кога би се одржале изборите Заев и Мицкоски не соопштија, велејќи дека тоа ќе биде договорено на лидерската средба. Според извори од СДСМ,  владејачката партија ќе настапи со предлог изборите да бидат на пролет односно во март или април. Во декември не е можно да се одржат доколку се оди на формирање на техничка влада 100 дена пред нивното одржување. Исто така владејачката партија ќе сака да заврши ратификувањето на Протоколот за членство на земјава во НАТО од сите земји членки. Тоа вчера го најави и Заев на прес-конференцијата во Владата одговарајќи на прашањето кој ќе биде неговиот предлог за датумот за предвремени избори на лидерската средба.

Секако имаме свои очекувања. Свесни сме дека доаѓа зима, НАТО е во декември и тие ќе бидат водилките на кои ќе дискутираме. Но, секако важно е што ќе каже и опозицијата и другите партии кои ќе учествуваат на лидерската средба. Опциите се отворени, верувам дека ќе се договориме, рече Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека ќе го прифати предлогот на премиерот Заев за брзи предвремени избори, но и тој не кажа датум за нивно одржување.

Кога тие би се одржале не зависи од мене, но ставот на мојата партија е јасен,  избори веднаш со почитување на законите за формирање на техничка влада, рече Мицкоски.

Откако Европскиот совет во петокот не ѝ додели датум на Македонија за почеток на преговори со ЕУ, премиерот Зоран Заев и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски предложија брзи предвремени избори, на кои ќе им претходи техничка влада 100 дена пред нивното одржување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.