Насилството го попречува развојот на децата, нивната способност за учење и успех ги ограничува можностите за воспоставување здрави врски со другите, придонесува за ниска самодоверба, емотивна болка и депресија…

Деновиве македонската јавност е згрозена од случајот со дадилката која во игротеката кај „Дежа Ву“ тепаше двегодишното дете, а на целиот немил настан сведочеа и другите две братчиња на детето. Насилството врз малолетното дете беше откриено благодарение на скриените камери во игротеката, а грозоморниот чин во полиција го пријави сопстевникот на „Дежа Ву“. Дел од снимката како дадилката го тепа детето беше објавена и на социјалните мрежи.

Мајката на децата изјави дека за овие случувања дознала од снимката, била згрозена од тоа што го гледа и не можела до крај да го догледа видео матерјалот, бидејки како што вели, во неколку наврати дадилката додека го тепа детето му ги покрива устата и носот на детето со нејзината рака, поради што сега мајката на малиот Дарио, обвинува за обид за убиство.

Jа гледав целосната снимка, во игротеката ми ја пуштија. Иако од болка и гнев не можев да ја догледам до крај, видов дека таа го гуши моето дете, ставајќи ја нејзината одвратна рака врз устата и носот на моето дете. Сакам да одговара за обид за убиство, а не само за запуштање и малтетирање. Моето дете не може да спие, постојано плаче – раскажува мајката.

За тројката близначиња дадилката се грижела една година, а мајката вели дека имала сомнежи за насилно однесување на дадилката и поради тоа ја надгледувала без да знае таа, но со свои очи никогаш не видела такво однесување.

Според министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вакви работи не смеат да се случуваат, посочи дека најдобро е лиценцирани лица за негувателки да се грижат за деца.

Покрај ова мајката изјави дека дадилката била најмена преку агенција, од каде што ја увериле дека има лиценца, а за услугата месечно плаќала 30 илјади денари.

Во описот на работата од каде е ангажирана дадилката, на официјалниот сајт јасно може да се види дека гарантираат ангажирање на детално проверени негувателки како од аспект на квалификации и искуство за квалитетно извршување на работата, така и од аспект на здравствена состојба и криминално однесување.

„Република“ се обиде да побара одговор од агенцијата „ДејКер“ преку која била ангажирана дадилката, зошто покрај ваква гаранција се случило ваков пропуст, но оттаму ни кажаа дека тоа не е повеќе телефонскиот број на агенцијата за ангажирање дадилки, односно дека е агенција за вработување, иако на официјалниот сајт на агенцијата од каде била ангажирана дадилката се уште бројот за контакт е истиот на кој и ги побаравме. На затворена врата од агнцијата и немање одговор наиде и мајката на тепаното детенце Данче Дамбева.

По реакциите од јавноста и стручните лица Министерството за труд и социјала изврши вонреден испекциски надзор во Агенцијата преку која била ангажирана дадилката која го тепаше детето.

„Република“ побара одговор од МТСП, а оттаму не информираа дека сите информации за надзорот ќе бидат доставени до истражните органи. За да не се попречи во работата на ЈО, не се открива дали дадилката имала лиценца, и какви ќе бидат последиците врз агенцијата.

Што гарантира лиценцата за дадилки?

За да се добие лиценца за негувателка во земјава (дадилка), потребен е стручен испит за стекнување на лиценца. Истиот се полага пред Комисија за лиценцирање на стручни лица во системот за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст. Испитот се полага во два дела и тоа: теоретски и практичен дел. Двата дела се полагаат во испитен центар – простории кои се наоѓаат на Правниот факултет при УКИМ, Скопје. Испитот се полага по писмен пат на компјутер. Доколку кандидатот успешно го положи теоретскиот дел на испитот, пристапува кон полагање на практичен дел.

Пред полагање на стручен испит, кандидатите задолжително треба да ги достават следните документи во архивата на Министерство за труд и социјална политика:

Заверена копија од диплома или уверение за завршено средно образование,

Уверение за државјанство на Република Северна Македонија,

Лекарско уверение за здравствена состојба издадено од диспанзер по медицина на трудот,

Потврда дека не му е одземено вршењето на родителското право (од Основен суд),

Потврда дека не му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност (од Централен регистар)

Потврда дека не му е изречена казна со правосилна судска пресуда со која е осудено за кривично дело за семејно насилство, одземање на малолетно лице, негрижа или злоставување на малолетно лице или родосквернавење, за кривично дело од групата на дела против половата слобода, без оглед на изречената санкција и кај кое, во согласност со закон, е утврдено дискриминаторско однесување (од Основен суд),

Потврда со правосилна одлука да не му е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност сé додека траат
последиците од забраната (од Основен суд).

Доказ за платен надомест за трошоците за издавање на лиценцата за работа, пополнето Барање за стекнување со лиценца.

Сепак од македонската асоцијација на Дадилки за „Република“ велат дека лиценцата не е доволна за да се процени личноста на која ѝ се доверуваат децата.  Оттаму порачуваат дека е потребна поголема контрола, медицинските наоди според нив не се доволна гаранција за некој да добие лиценца за негувателка, бидејќи за во домашни услови можат да полагаат кандидати со какво било образование.

Во државата во моментот не постои формално образование за негувателки на деца. Можност да работат имаат сите кандидати со завршено средно образование (од која било област). Резултатот на ваквата состојба се некомпетентни, нестручни и несоодветни негувателки на деца. Според информациите добиени од агенции за посредување и семејства кои сакаат да ангажираат негувателка на дете – дадилка, од пракса и интервјуа со голем број на кандидати коишто бараат работа како негувателка на деца покажа дека, кандидатите: не поседуваат основни знаења за исхрана според возраста на детето, не познаваат никакви вештини за давање прва помош, не применуваат никакви едукативно-воспитни активности согласно со возраста на детето, имаат неприфатливи воспитно дисциплински мерки, пушат цигари во присуство на детето, употребуваат телефони, таблети и активно гледаат телевизија, наместо да спроведуваат активности со детето.

Сметаме дека со вакво однесување на негувателките се доведува во прашање здравјето и безбедноста на децата во домашни услови. Децата се препуштени на интуиција и лично искуство на поединци, истакнуваат од македонската асоцијација на Дадилки.

Според податоците од лиценцирани Агенции за чување и нега на деца, во 2018 година барање за ангажирање на дадилка имаат упатено над 400 семејства само во Скопје. Околу 80% од наведените барања се нереализирани поради немање на соодветни кандидати – негувателки на деца. Просечна плата на негувателките се движи околу 15,000 до 18,000 денари нето месечно, платата на негувателка на дете во домот на семејство зависи од обврските, работното време, број и возраст на децата како и вештини, квалификации и искуство на негувателката, поради што таа може и да е повисока, возрасната граница е 62 години, бидејки се регулираат со законот за работни односи.

Тепањето на дете води кон тоа да има ниско чувство за сопствена вредност, односно дека они не се некои битни суштества. За жал ваквото тепање се случува во многу домови во Македонија. Тоа што тоа што во овој случај е дадилка не менува ништо. Во иднина тие деца треба да посетуваат стручно лице и треба да ја надминат оваа траума. И во ова треба да бидат вклулени и родителите. Трагично е вакво нешто да се случува, за жал ние сме општество каде што децата се многу често тепани, изјави за психолог-психотерапевт Мирјана Јовановска – Стојановска.

На 59-годишната жена и е одредена мерка притвор од 30 дена.

Пред  четири години јавноста ја беше сведок на сличен случај, во кој негувателка тепаше бебе во домот, а со камера ја снимиле родителите и ја објавија снимката. Дадилката беше осудена на 14 месеци затвор.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.