Левица поднесе нова Иницијатива за вршење вонреден инспекциски надзор до Министерството за култура, против Општина Гостивар, а со цел утврдување на законитоста на постапката околу подигнувањето на контроверзниот споменик во гостиварското село Симница, во чест на балистот Џемо Хаса.

Оваа Иницијатива е во контекст на претходно поднесената Иницијатива против подигнувањето на меморијалниот споменик во чест на борците на УЧК/ОНА, со намера трајно зачувување на спомените на овие личности.

Сметаме дека државно-правниот континуитет на Републиката не може и не смее да се темели на лица кои историјата ги познава како докажани фашистички колаборационисти и главни егзекутори на припадници на партизанските одреди. Преку подигнувањето на контроверзниот споменик се врши директен упад во антифашистичкиот карактер на државата и АСНОМ-ските идеали, непосредно утврдени со Уставот на Република Македонија. Дополнително, сметаме дека контроверзниот споменик не ги исполнува клучните формално-правни и материјално-правни претпоставки, кои мора да бидат исполнети за еден споменик да се смета за меморијален и истиот како таков да може да биде подигнат, велат од Левица.

Власта за подигнувањето на овој споменик е запознаена уште во 2018 година, но и покрај тоа, од нивна страна не е преземено ништо за утврдување на легалноста на постапката за негово поставување. Со тоа, апсолутно се докажува поданичкиот однос кој СДСМ го има кон својот коалициски партнер, ДУИ.

Бараме министерството по извршениот инспекциски надзор да ја утврди правилно фактичката состојба, да ги преземе сите правни средства кои му стојат на располагање и да ги санкционира противзаконското постапување, а со цел да се спречат во иднина вакви ситуации.

Џемаил Хасани е роден во 1908 година во гостиварското село Симница. Растел во многудетно и сиромашно семејство. Уште како дете почнал да работи со земјоделие на татковиот имот. Тешката сиромаштија и самиот албански отпор кон српската окупација во Македонија, потпомогната со изборот на Албанија да се приклучи кон фашистичката оска, кај Џемо се јавува желбата за војување.

Во почетокот заминал да војува во јужниот дел на Албанија. За својата ефикасност е прогласен за воен офицер лично од кралот на Албанија, Ахмед Зогу. Во почетокот на 1941 година се враќа во Македонија, каде започнува со неговите ѕверства врз македонското население. Дејствувал во цела Западна Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.