Министерката за радост и цензура, која покажа капацитет за цензура и регулација на мислата и културното творештво на македонските уметници – очигледно, дека во својата ригорозност е селективна, бидејќи недостигот на реакција за никнувањето на низа нео-фашистички здруженија на територијата на Република Македонија тоа го покажува, реагираат од Левица, од каде што откриваат дека по отворањето на нео-фашистичкиот „културен клуб“ во Битола, кој го носи името на најголемиот крвник на македонскиот народ и фашист Ванчо Михајлов, сега во Охрид, покрај здружението „Ратко“ (едно од псевдонимите на Ванчо Михајлов), никна ново здружение, именувано како „Цар Борис III“.

Овој бугарски цар, за време на Втора светска војна, ја приклучи фашистичка Бугарија кон тројниот пакт. Потоа следеше и инвазија, окупација и анектирање на Македонија, кое беше проследено со многубројни убиства и ѕверства врз недолжното македонско население и македонските партизани. Бугарските фашистички војски на Цар Борис, придонесоа кон „конечното решение“ на Хитлер, и притоа голем број македонски Евреи беа депортирани во концентрациониот логор „Треблинка“, се вели во соопштението на Левица.

Според Левица, претседателот на ова здружение е извесен Томе Блажески, кој активно работел во повеќе слични здруженија кои, како што вели партијата, „имаат за цел да го поматат разумот на младите Охриѓани и Македонци.“

Партијата посочува дека преку регистрирање на овие нео-фашистички здруженија, власта испраќа сигнал до македонското население, дека заштитата на интересите на овие асимилаторски политички агенти е приоритет пред заштитата на македонската државност и анти-фашистичка историја.

Тоа што за време на прославата во Крушево на Македонците им беа одзимани транспарентите на кои се спомнува фашизмот и фашистичка Бугарија, додека на територијата на државата непрестајно никнуваат нео-фашистички здруженија од овој тип, јасно ни кажува дека пробугарската Влада има фашистичка агенда која има за цел да ја исполни во целост, пишува Левица во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.