Државниот обвинител Љубомир Јовески и денеска избегнал јавна дебата со вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, објави Алсат-М. 

Иако го потврдил учеството на организираната дебата за антикорупција, сепак тој не се појавил.

– Ниту една наша активност не завршила без исход. Улогата на Кабинетот е да ги детектира системските слабости и заедно со сите да наоѓа начини како да се премостуваат – рече Грковска во врска со прозивките на Јовески.

Јовески во писмена реакција на вицепремиерката ѝ порачал дека функцијата што ја има е непотребна. Ваквиот негов потег најверојатно е одговор на критиките на Грковска за неговата неефикасност на чело на Обвинителството.

Таа рече дека при откривањето на слабостите на системот ќе треба да се интервенира не само во правилниците и во подзаконските акти, туку во одредени случаи и во самите закони, за во иднина да немаме „резултати“ како што беше со изборот на шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Ислам Абази.

И првата антикорупционерка, Билјана Ивановска, со остри критики за обвинителот Љубомир Јовески.

Таа рече дека поради незадоволителни резултати, државниот обвинител не заслужува да биде унапреден во функцијата уставен судија.

– Да сум јас на негово место, со вакви резултати не би помислила да се кандидирам за таква функција. Со ваква атмосфера во јавноста, со вакви критики за работењето на Обвинителството, на коешто е тој прв човек, тешко дека може да се справи со јавноста со тоа што ќе каже да јас треба да бидам уставен судија. Според мене, не – категорична е претседателката на Антикорупциска.

Предлогот Љубомир Јовески да стане уставен судија, сѐ уште не го поминала филтерот во собраниската комисија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.