Последниот извештај на Транспаренси Интернешнл покажува дека Македонија има историски највисоко ниво на корупција и е сместена на 111 место, 5 места полошо од лани. Подобро од нас со корупцијата се справува Косово, Брегот на слоновата коска, Белорусија и стотина други земји во светот.

Во вчерашната реакција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се вели дека извештајот само потврдува дека со Македонија владее мафија која се богати на грбот на народот. Затоа мафијата на Заев јаде со златни лажици, а обичниот граѓанин нема ни за леб, стои во нивната реакција.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера изјавија дека последниот извештај на Транспаренси Интернешнл покажува дека нема апсолутно никаква институционална борба со корупцијата, нема реална разрешница на големите коруптивни скандали како „Леонардо“, набавката на реагенси, скапите грејдери во одбрана, финансирањето на магариња и фризерници со европски средства, рекетот, торбите со снопчиња пари и десетици други корупциски мега скандали на власта.

Имено, колку за потсетување на јавноста случајот Леонардо во кој се зборување дека е вмешан поранешниот генерален секретар на владата Драги Рашковски, досега нема никаква разрешница.

Минатата година во јавноста излегоа низа коруптивни афери во кои има сомнение дека се вмешани високи функционери од власта, вклучувајќи го и премиерот Заев.

Имено мината година еден од поголемите скандали беше случајот со Шик Јелак тежок 200 милиони евра во Тетово кога беа објавени разговори од контроверзниот бизнисмен Дака, разговори во кои се спомнува и премиерот Заев.

Да не заборавиме и на еден од можеби најголемите коруптивни случаи, а тоа е Рекет. Имено, на завршните зборови сега веќе осудениот Бојан Јовановски или познат како Боки 13, изјави пред судот дека парите од Рекет треба да ги бараат кај Заеви.

Лани во медиумите исто така одекна и скандалот дека фирма блиска на семејството на премиерот Зоран Заев добила грант од Фондот за иновации и технолошки развој.

Тогаш на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски изјави дека фирмата Пауерад од Струмица минатата година добила милионски гранд од Фондот.

Фирмата Пауерад од Струмица минатата година добила милионски гранд од Фондот, истиот оној Фонд кој додели грантови и на фирмите на вицепремиерот Анѓушев, пратеникот Локвенец, снаата на советникот Цветанка Ласкова, и десетици други скандалозни случаи. Гореспоменатата фирма од Струмица не е туку така одбрана. Ако се земе досегашниот модел на додоелување на грантови, постои основан сомнеж дека таа била почестена со средства затоа што во нејзиното сопствеништво удел имала фирма на Заеви, преку нивната фирма Еленица. Впрочем тоа го говорат и документите. Фирмата Пауерад од Струмица до 7 август 2018 година била во косопственот на фирмата на Заеви, а Управител на „Пауерад“ бил Митко Димитровски, член и на управниот одбор на „Еленица“. Оваа фирма ја променила сопственоста во екот на минатогодинешната афера со доделување на грантови и потоа добила милионски грант од Фондот за иновации. Мошне инвентивен начин бил пронајден освен фирмите на најблиските соработници, милиони да завршат и во фирмата која е блиска до семејството Заеви, изјави тогаш Арсовски.

Меѓудругото, лошиот извештај на Транспаренси Интернешнл го најави минатата недела и холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, кој на власта и’ прати порака дека не е Бугарија најголемата пречка на патот кон ЕУ, туку корупцијата.

Корупцијата е состојба на умот на целото општество, од корупцијата во јавните набавки, кронизмот и непотизмот на највисоко ниво, кај градоначалниците, судиите, па сè до луѓето кои се подготвени да платат поткуп, оние кои носат шише виски кога одат на преглед кај доктор и оние кои во март носат подароци за учителките на своите деца. Постоечката корупција исто така води кон потреба за изнаоѓање на политички баланс при секое назначување на државна функција. На пример, тажно е дека дури и директорите на националните паркови се политички назначени. Мое силно уверување е дека луѓето не треба да се вработуваат заради политички баланс, туку врз основа на заслуги, отчетност и професионалност, изјави амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп.

Па така, од сите овие и други афери може лесно да се заклучи зошто Македонија се најде рангирана на дното на листата на Транспаренси Интернешнл како една од најкоруптивните земји во светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.