Лекторатот по македонски јазик во Париз, кој е најстар и постои 50 години, денеска ќе го одбележи јубилејот со меѓународен симпозиум на престижниот Национален институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во француската престолнина.

Како што соопшти Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (МСМЈЛК при УКИМ), на симпозиумот ќе има учесници од седум држави – странски македонисти и слависти, универзитетски професори – лингвисти, книжевни истражувачи и културолози, книжевни преведувачи и поети.

Почитувачи на македонскиот јазик, литература и култура од Франција, САД/Канада, Шпанија, Полска, Сенегал и Тунис, заедно со македонските учесници ќе ја испратат пораката дека по оствареното во изминатите педесет години, со јасна цел и визија, вложувањата во македонистиката треба да продолжуваат во годините што следуваат, информира МСМЈЛК при УКИМ.

МСМЈЛК наведува дека организацијата на овој меѓународен симпозиум по повод полувековниот јубилеј е „валоризација на постигнатото во изминатите пет децении и влог во ново поглавје на афирмирањето на македонските културни вредности и на развивањето на научниот интерес за македонистиката во Франција и воопшто на меѓународен план“.

Во рамки на симпозиумот се предвидени три тркалезни маси, од кои една ќе биде посветена исклучиво на македонистиката во Франција и, според најавата, ќе се обратат директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, и проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, која раководи со студиите по македонистика на ИНАЛКО.

Со свои излагања ќе учествуваат и актуелниот лектор по македонски јазик на ИНАЛКО, м-р Ѓоко Здравески, асс. м-р Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Јован Костов од Универзитетот „Пол Валери Монтпелиер 3“.

Две тркалезни маси на симпозиумот ќе му бидат посветени и на творештвото на великанот на македонската литература и култура, Ацо Шопов – 50 години Лекторат по македонски јазик на ИНАЛКО во светлината на 100 години од раѓањето на Шопов. Со нив ќе продолжи и чествувањето на делото на Шопов во Париз, по повод големиот јубилеј, кое вчера, на Светскиот ден на позијата започна во седиштето на УНЕСКО, но и воопшто меѓународната афирмација на неговото творештво во текот на јубилејната година, која започна со Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ, информира МСМЈЛК при УКИМ.

Најавено е учество и на странските македонисти и универзитетски професори – Кристина Е. Крамер од САД/Канада и Маќеј Кавка од Полска, долгогодишни учесници на Меѓународната научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ и преведувачи на поезијата на Шопов. Покрај нив, на тркалезните маси ќе учествуваат и професорот Жорж Алао од ИНАЛКО – Франција, Дауда Ндиај од Сенегал, Хозе-Мариа Паз-Гаго од Шпанија, Џамила Межри од Тунис и Тања Кармзова од Франција. Во овој дел на сипозиумот ќе учествуваат и академиците од МАНУ – Влада Урошевиќ и Катица Ќулавкова, која е и некогашна лекторка по македонски јазик на ИНАЛКО, како и ќерката на Шопов и истражувач на неговото дело, Јасмина Шопова.

Во чест на 50 години Лекторат по македонски јазик, на ИНАЛКО ќе се одржи и концерт на македонска народна музика, на француската македонистка и музичкарка Гаел Лекок и Анета Жорж, пејачка и композиторка, професорка на Американската школа за модерна музика во Париз (вокал, кавал и тамбура).

МСМЈЛК при УКИМ информира дека поддржувачи на организацијата на симпозиумот се и МАНУ и Фондацијата „Ацо Шопов Поезија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.