Најпрво започнува постапката за 100 квалификувани потписи, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека ќе биде прв потпишан. Во текот на утрешниот ден и ние членовите на Извршниот комитет и пратениците секој во своите општини каде што се наоѓа на Избирачкиот список ќе ги депонираат потписите, вели Миле Лефков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во македонското собрание во изјава за дневникот на Канал 5 телевизија, по одлуката на Извршниот комитет на партијата за иницијатива за организирање на референдум за бугарскиот договор.

Понатаму според Деловникот тоа доаѓа во Собрание и стигнува во законодавно правна комисија и на матично работно тело на комисијата за политички систем каде што треба да се изјаснат комисиите дали е прифатлива или не таквата иницијатива. Ако е прифатлива се доставува до претседателот на Собрание кој што треба да ја достави до Владата и потоа Државната изборна комисија ќе треба да го организира референдумот. Но, доколку смета дека е неприфатлива треба да се стави на наредната пленарна седница за да се донесе заклучок. Ние се надеваме дека власта нема да прави опструкции за да може конечно да излезе народот и да каже што чувствува за овој штетен договор, за кој што први го потпишаа Заев и Борисов. Ние уште тогаш предупредувавме дека ќе има многу штетни последици и еве сега дека тоа практично нема крај на понижувањата – изјави Лефков.

На прашањето што доколку собранискиот спикер Џафери ја отфрли иницијативата, Лефков потенцираше дека Џафери не смее да се става над процесите и постапките во Собранието, потенцирајќи дека иницијативата за Референдум е широко прифатена кај народот.

Џафери не смее упорно да ги зазема оние позиции со кои што тој се претставува дека е над сите процедури и над сите постапки. Верувам дека било кој од власта, па ниту Џафери без разлика и колку да сме виделе негативни примери во минатото нема да смее да застане против едно вакво прашање кое што гледаме дека во јавноста е широко прифатено и имаме народен консензус дека граѓаните не се согласуваат со овие понижувања, бидејќи ние од овој договор не видовме ниту добрососедство, ниту пријателство – истакна Лефков.

Тој, уште еднаш го повтори ставот на партија односно како што рече, ВМРО-ДПМНЕ е најсилен гарант дека нема да се случат уставните измени и внесување на Бугарите во уставот се додека не започнат преговорите.

ВМРО-ДПМНЕ е најсилниот гарант дека уставните измени нема да бидат донесени во Собранието. Власта се нафатила и гарантирала нешто што не може да биде спроведено затоа што тоа практично значи понижување не во оваа фаза пред да бидат отворени преговорите и не во овој формат. Такво внесување ние нема да прифатиме и стоиме позади тоа – изјави Лефков.

Тој нагласи дека Референдумот е шанса Македонија да добие подобри позиции од оние кои што ги преговарал Зоран Заев уште со потпишувањето на договорот со Бугарија.

Овој Референдум е нашата шанса конечно Република Македонија да добие подобри позиции од оние кои што ги преговарал Заев – заклучи Лефков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.