Париски „Монд“, објави дека три земји стојат зад блокадата за почеток на преговори со Македонија и Албанија: Франција, Германија и Холандија.

Северна Македонија и Албанија, признати кандидати за влез во Европската унија, уште ќе чекаат. Франција, Германија и Холандија, во вторникот, 18 јуни, во Луксембург не ја одобрија одлуката која би била премногу симболична за нив: пристапни преговори. Ова бара едногласност на дваесет и осумте членки.

Прашањето за проширувањето на ЕУ кон шесте земји од Западен Балкан останува прашање на поделба меѓу земјите-членки и тие повторно ќе расправаат за (можна) одлука до октомври. Но усвоија… дваесет и две страници заклучоци за проширувањето и предуслови за сите кандидати, пишува „Монд“.

Во 2018 година, земјите кои беа против отворањето на преговорите повикаа на загриженоста во однос на корупцијата, борбата против организираниот криминал и почитувањето на владеењето на правото во Северна Македонија и Албанија. Меѓутоа, пред две недели, Европската Комисија даде позитивно мислење за овие прашања по проценката на напредокот што го постигнаа Скопје и Тирана.

Неодамна, претседателот на Комисијата, Жан-Клод Јункер повика „да не се игра со овој трагичен регион”, кој доживеа крвави конфликти, сепак, тој призна дека договор за старт на преговорите во Луксембург е неверојатен. Бидејќи националните парламенти мораа да одлучуваат, и бидејќи, како што рече тој, промената на позицијата на Франција и Германија е „невозможна мисија”.

Бундестагот, всушност, сé уште не го одобри отворањето на преговорите, овозможувајќи им на колебливите земји-членки да се засолнат зад тоа. Холандскиот парламент ја отфрли идејата за каква било одлука за Албанија во 2019 година. Што се однесува пак до Франција, нејзината линија е: „Нема проширување без претходно зголемување на интеграцијата на Унијата. И без испитување во однос на нејзиниот „капацитет за апсорпција” и за стратегијата во однос на балканските земји: како да ги „поврзе” во Европа без притоа да им се ветува членство? – објаснува угледниот париски весник.

Притоа „Ле Монд” ја дава позицијата на Француската дипломатија. Нагласува дека најсилните поддржувачи на проширувањето се Унгарија, Полска и Италија, кои се предводени од популистички партии кои се залагаат за дезинтеграција или, во секој случај, слабеење на институциите на ЕУ, и кои, исто како и Лондон порано, се залагаат за доаѓање на нови членки како корисна алатка за нивните цели.

Според „Ле Монд”, поддржувачите на Скопје и Тирана побараа почеток на разговорите за пристапување и почитување на „кредибилитетот на политиката на проширување”. Тие, исто така, зборуваа дека тоа е „важен мотивирачки елемент за целиот регион” и за потребата ЕУ да ја зајакне отпорноста на овие земји на „негативен притисок од други актери”, алудирајќи, меѓу другите, и на Русија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.