Во очи на овогодинешните локални избори гаејќи ја надежта за широка политичка поддршка од сите политички партии, предлагаме измени во изборниот законик, кои на следните локални избори ќе претпочитаат еднаква родова застапеност (50%-мажи, 50%-жени) и отворени советнички листи, вели Моника Зајкова, потпретседателка на ЛДП и пратeничка.

Во овој момент во нашата држава за избор на пратеници и членови на советите во општините се користи пропорционалниот модел на затворени листи. Тоа значи дека имаме право да избираме листа содржана од 20 пратеници и листа од непарен број на советници, но немаме право најдиректно да избираме личности, појаснува Зајкова.

Таа вели дека современите општествено-политички текови, несомнено бараат и современи политички модели кои најпрецизно ќе ја отсликаат граѓанската волја исполнувајќи ги во целост нивните потреби и очекувања.

Бидејќи политичкиот избор се смета за основна граѓанска должност, повеќе од кога било, станува евидентна потребата избирачкото право да биде проследено со зголемено право на избор на личност од листата на номинирани кандидати. На тој начин одговорноста и на граѓаните, но и на избраните политички чинители ќе биде голема, директна и непремостлива, вели Зајкова.

Според неа политичките избраници на овој начин ќе имаат зголемена и директна одговорност пред граѓаните кои директно ги избрале, додека пак избирачите ќе имаат поголем мотив да излезат на гласачките места, гласајќи за „својот“ кандидат.

Воспоставувањето гаранции за ефикасно остварување на правата на граѓаните и оживотворувањето на идејата за претставничката демократија во нејзината вистинска смисла не е само вистинскиот, туку е и единствениот начин за гласот на граѓаните да биде слушнат, вели таа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.