Секојдневно сме „бомбардирани“ од дезинформации, лажни вести или полувистини. Популацијата на возраст од 15 до 34 години речиси никогаш не ги проверува информациите што ќе ги прочита на интернет просторот, а лажните вести буквално доаѓаат од секој сегмент и ги шири кој ќе стигне. Тоа го вклучува алармот да се делува веднаш, преку медиумска писменост која ќе се инкорпорира во наставниот процес од најрана возраст. Ова се дел од заклучоците на јавната дискусија на тема „Вклучување на медиумската писменост во образованието“.

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспаретност Роберт Поповски рече дека над 60 проценти од граѓаните во земјата што се на возраст меѓу 15 и 34 години интензивно се информираат преку Интернет.

 

Следните податоци сега што ќе ги прочитам се многу сериозни и опоменувачки. Од оваа популација, 17 проценти кога се информираат преку социјалните мрежи и медиуми, никогаш не ги проверуваат информациите што ги добиваат, 27 проценти ретко, додека 39 отсто понекогаш. Вкупно 83 проценти од оваа популација кога е на Интернет и кога се информира, не обрнува внимание на содржината или не сака да провери дали е точна или не. Не навлегува во содржината или фактите или аргументациите, рече Поповски.

Според него, има недоволна проверка на информации, незаинтересираност, немање желба, непрепознавање на аргументите.

Уште еден исклучително поразителен факт има за состојбата во нашата земја, за тоа на кое ниво е препознавањето информации на нашите граѓани. Според тоа истражување, Македонија се наоѓа на дното од 34 земји во препознавањето на лажните вести и дезинформациите. Ние сме убедливо последни, пред нас е Турција, па потоа е Албанија, БиХ, Црна Гора, Бугарија. Нашиот проблем е драматичен, но регионот исто така има проблем, рече Поповски.

Тој посочи и дека лажните вести ги оценуваат како современо оружје за масовно уништување тие го таргетираат секого, секоја индивидуа, семејство, група на луѓе и тие се глобален проблем.

Министерот за образование и наука Арбeр Адеми, во своето обраќање се задржа на важноста на системот на формалното и неформалното образование и неговата структурна поставеност на генерациите кои се стекнуваат со креативни, информатички претприемачки и други вештини во текот на своето школување.

Владата на Република Северна Македонија се труди националниот образовен систем да биде сеопфатен и секако, постојано ажуриран, од аспект на следење и воведување на најновите глобални образовни трендови и текови на национално ниво“, подвлече министерот Адеми истакнувајќи дека фокусот е на креирањето квалитетен, механизам во рамки на образовниот систем кој медиумски ќе ги описменува учениците и ќе создава индивидуи кои уште од рана возраст ќе знаат да препознаваат лажни вести и критички ќе ги селектираат информациите препознавајќи манипулации и правејќи разлика за она што е вистинито.

Претставникот на Делегацијата на ЕУ во нашата земја, политичкиот советник Феручо Бого ја подвлече поддршката која ја дава Европската Унија по ова прашање и ја истакна важноста да се разговара за интернетот како средство за комуникација и за потребата да се информира за концептот на медиумската писменост, односно да се јакне способноста за откривање на вистинските вести притоа почитувајќи ги основните вредности на општеството.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.