На патиштата во Македонија во текот на 2020 година загинале вкупно 125 луѓе. Истовремено, во периодот од јануари до декември минатата година се случиле вкупно 7.223 сообраќајни незгоди. Во споредба со 2019 година бројот на сообраќајни незгоди е намален за шест проценти, додека во споредба со 2013 година оваа бројка бележи намалување за повеќе од 35 проценти.

Споделувајќи ја официјалната статистика министерот Оливер Спасовски неодмна на својот фејсбук профил објави дека во јануари 2021 имало намалувањето на жртвите од сообраќајни незгоди е за 56 отсто, споредено со јануари минатата година.

Спасовски најави дека во план е изработка на мапа на црни точки односно места каде во 2020 година најчесто се случувале сообраќајни незгоди со тешки последици.

Од Министерството за внатрешни работи секојдневно потенцираат дека засилените контроли продолжуваат во континуитет, но апелираат и до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи да бидат одговорни возачи.

Зголемениот присуство на полициските службеници, активното спроведување на законите од страна на Министерството за внатрешни работи, но и пандемијата од корона вирусот се дел од причините за позитивната тенденција во статистиката, е ставот на Стојче Стаменковски, поранешен претседател на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Според него, кога станува збор за пандемијата и нејзиното влијание на безбедноста на сообраќајот, веројатно е дека таа влијаела на намалување на бројот на сообраќајни незгоди, но,како што истакнува, тоа е тешко да се измери и докаже.

Факт е дека намалување на волуменот на сообраќајот има влијание на намалување на бројот, но не треба да го заборавиме и полицискиот час кој пак е причина за возење со зголемена брзина на патиштата и сообраќајниците – вели Стаменковски,.

Во Република Македонија во 2020 година се бележат 62,5 загинати во сообраќајни незгоди на еден милион жители.

На ниво на Европска Унија во 2020 година просекот е 42 загинати на еден милион жители. Рекордер по безбедноста на сообраќајот со најниска стапка е Шведска со само 18 загинати на еден милиони жители, а најлошо рангирана е Романија со 85 загинати во сообраќајни незгоди на еден милион жители.

Европскиот комесар за транспорт Адина Валеаун неодамна потенцираше дека со околу 4.000 загинати помалку на патиштата во споредба со 2019 година, патиштата на ЕУ се најбезбедни во светот, но сепак далеку сме од зацртаните цели и неопходни се заеднички напори за нивно достигнување.

Во нашата стратегија за одржлива и паметна мобилност, ние ја повторивме нашата заложба за спроведување на стратегијата за безбедност на патиштата во ЕУ и намалување на бројот на жртви за сите форми на транспорт која број на жртви блиску до нулата, потенцира таа -стои на официјалната страница Европската комисија.

На прашањето како нашата земја да го достигне просекот на ЕУ, Стаменковски вели дека тоа што недостасува во целиот овој систем на сообраќајна безбедност е унапредување на сообраќајната превенција и едукација, но и обединување на сите сегменти од сообраќајната безбедност во една институција (водечко тело) и тоа е сегмент на кој треба да се работи во следниот период.

Во оваа насока смета дека формирање водечко тело за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата ќе ги даде посакуваните ефекти. Токму тоа, потенцира тој, е она што Европската Унија веќе неколку години наназад го дава како задача во сите извештаи каде се говори за безбедноста на патиштата.

Четирите елементи на градење на безбеден систем се безбедни патишта, безбедна брзина, безбедни возила и безбедни и едуцирани учесници во сообраќајот. Достигнување на просекот на ЕУ и сериозен, видлив и одржлив напредок за подигнување на безбедноста на патиштата може да се постигне само доколку континурирано се унапредуваат сите од наведените четири елементи – заклучува Стаменковски.

Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата изминатиот месец го одбележаа Светскиот ден на културата во сообраќајот, во информацијата споделена на нивната веб страница посочуваат дека последиците од сообраќајните незгоди се премногу сериозни и наша заедничка обврска, општ и заеднички интерес на сите граѓани, е да се издигне сообраќајната култура на повисоко ниво. Унапредување на културата, етиката и толеранцијата во сообраќајот значително ќе придонесе за побезбеден и посмирен сообраќај, односно ќе придонесе за помалку сообраќајни незгоди, помал сообраќаен метеж и помалку настрадани лица на улиците и патиштата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.