Апелациониот суд во Скопје ја одби жалбата на адвокатите во најновиот случај за т.н. организатори на настаните од 27 април со која се бараше изземање на судијката Оља Ристова од советот кој треба да го оценува обвинителниот акт.

Одбраната побара нејзино изземање на претходниот датум за оценка на обвинението, но претседателот на скопскиот кривичен суд Иван Џолев го одби ваквото барање, после што беше вложена жалба.

Жалбата немаше одговор од Апелациониот суд сѐ до денес, денот кога според претходно договореното требаше да се одржи седница за оцена на обвинителниот акт, но претпладнево на брз начин Апелација ја објави одлуката со која се одбива жалбата за изземање на Ристова.

Адвокатите и осомничените бараа изземање на судијката Ристова по два основи. Првиот основ е дека веќе има формирано мислење за случајот имајќи предвид дека веќе носела пресуди во еден од претходните случаи за настаните од 27 април. Вториот основ е дека судијката, која е сестра на активистот на СДСМ Боби Илиевски, на фејсбук лајкувала статус на нејзиниот брат на објава за апсење на еден од осомничените во овој случај.

Со ова, според одбраната, се повредува принципот на непристраност на судиите кој е нивна законска обврска, бидејќи судијката покажала „допаѓање“ (лајк) на објава за апсење на еден од осомничените во овој случај. Сепак, ова не беше доволно ниту за судиите од Апелациониот суд па во набиената агенда на судот не се најде разбирање за овие аргументи на одбраната.

Братот на судијката Ристова е познат активист на СДСМ по социјалните мрежи кој често лиферува шпекулации со јасна политичка поддршка кон партијата на Заев, како и ставови поврзани со случувањата во судовите, често во одбрана на својата сестра, а напаѓајќи некои нејзини колеги.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.