Вчерашната изјава на Силјан Мицевски не е само во спротивност со неговото претходно тврдење, туку и со изјавите на директорката на 1ТВ и еден од сопствениците на Меѓународниот сојуз Јасна Мандиќ и на директорот на финансиска полиција Арафат Муареми, анализира „Дојче веле“, споредувајќи ги изјавите на битолскиот бизнисмен вмешан во зделките на невладината организација на Бојан Јовановски и случајот „Рекет“.

Неговите искази дадени пред месец дена и сега се целосно контрадикторни. Имено, по обелоденувањето на фактот дека неговата градежна компанија „Пелистер” е една од оние кои склучиле договор со невладината организација Боки 13 за изградба на Европски комплекс за возрасни лица, тој потврди дека пари во висина од 720.000 денари префрлил на сметка на Лилјана Тодоровска, затоа што знаел дека таа е автор на идејата за комплексот. И пензионерката Тодоровска пред да даде исказ во Обвинителството за медиумите потврди дека парите биле префрлени на нејзина сметка, но веднаш откако ги подигнала, ѝ биле одземени од лице од Меѓународниот сојуз.

Вчера, пак, пред да даде исказ во Обвинителството за гонење организиран криминал, Мицевски пред новинарите тврдеше дека парите не ги уплатил на сметката на пензионерката Лилјана Тодоровска, туку на Меѓународниот сојуз. Тој додаде и дека не се сретнал со Јовановски, туку постоел само договор со Меѓународниот сојуз.

На прашањето како ќе си ги врати парите, кусо изјави: „Ќе го прашате Бојан“.

Годишните сметки на организацијата, пак, каде за две години имало само 5.500 евра, покажуваат дека на сметката на Меѓународниот сојуз не стигнало практично ништо, најмалку парите од Мицевски.

Директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, во втората половина на август за БИРН објасни како стигнал првиот сигнал дека се случува нешто сомнително. При крајот на 2017 година, една банка пријавила во Управата за финансиско разузнавање дека има сомнителна трансакција. Потоа таа го информирала Обвинителството, кое ги замрзнало средствата, и ѝ се обратило на Финансиската полиција да ги истражи потеклото и намената на паричните средства. Според Муареми, тогаш било утврдено дека градежна компанија од Битола префрлила над 700.000 евра на жена, која веднаш била повикана во Финансиска полиција. Таму кажала дека парите се наменети за проект што бил замислен како модерен европски центар за возрасни лица.

Истрагата не запрела на тоа. Од финансиската полиција го повикале и управителот и сопственик на градежната фирма од Битола.

Неговата изјава соодветствуваше со изјавата на жената, изјави Муареми, но потенцира дека продолжиле да истражуваат бидејќи се сомневале во перење пари.

Извор: Дојче веле

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.