Во денешното продолжение на аферата за купопродажба на гласови, новинарот Ларис Гајсер од италијанскиот весник „Ла верита“, објавува видео од истражување кое се однесува на македонскиот правосуден систем.

Постоечката документација во Обвинителството за борба против организиран криминал во Скопје поседува извадоци од снимени разговори од кои може да се заклучи дека експремиерот Зоран Заев заедно со неговиот брат Вице Заев, зборувајќи отворено на телефон, управуваат со развиена мрежа за купување гласови базирана на пари и уцени, со цел добивање гласови, посебно од Ромите кои живеат во Струмица.

Анализираните документи опишуваат сценарио во кое тогашниот лидер на СДСМ и градоначалник на Струмица, осомничен за изборни измами, се служел со нерегуларни средства за да биде избран во Собранието, за потоа да стане премиер. Гласачите кои одлучиле да соработуваат биле плаќани, за секој глас поединечно, од 10 до 25 евра, во две менувачници раководени една од Вице Заев и една од негов колега. Една од двете менувачници, „Даскал“, е во сопственост на Марјан Даскаловски, кој исто така бил избран за пратеник во Собранието заедно со Заев, и бил претседател на локалниот огранок на СДСМ. Во случај сумата да не била доволна да се убедат граѓаните, се одело и до таму да се понудат градежни матетријали за градење куќи или пак поврзување на домовите со комуналната инфраструктура. Човекот што бил главен за испазареното поврзување со или исклучување од комуналната инфраструктура, оној што ги контролирал вработените во општината е директорот на ЈП Комуналец-Струмица, Зоран Георгиев. Тој, служејќи се со службените ресурси што му биле на располагање, се заканувал или ги казнувал тие што се двоумеле дали да соработуваат при гласањето, а секако ги наградувал оние другите. Во Македонија Георгиев е познат по тоа што бил шеф на сите изборни кампањи на Заев и дека е сопруг на судијката од судот во Струмица, Лорета Георгиева, која во времето на владеењето на Зоран Заев станува член на Судскиот Совет, институцијата која има задача да го контролира работењето и ефикасноста на македонските судии, пишува италијанскиот весник.

Тоа што “Ла Верита” го објави вчера предизвика итна реакција од страна на екс-премиерот Заев и главниот обвинител за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која запрашана од македонските медиуми, изјави јасно дека случајот не го процесуирала пред суд поради немање докази за кривично дело, но не објасни од која причина случајот тогаш не бил затворен веднаш, коментира новинарот Гајсер за вчерашните настани тука во Македонија.

Експлицитниот доказен материјал со кој располага македоснкото обвинителство ја прикажува сликата за една реалност која е надвор од сите нормални и легални политички стандарди.

Во различни делови од разговорите има и дијалози на Вице Заев од кои се гледа дека тој бил во можност да го контролира одблизу однесувањето на цели фамилии. Во разговорите братот на Зоран Заев бара објаснувања од соговорниците поради однесувања на нивните жени и деца кои дејствувале спротивно на интересите на СДСМ, односно се лути што тие присуствувале на митинзи на соперничките партии. Следствено на тоа, постојат аудиоснимки во кои Заев, информиран за гласања против СДСМ, побарал за казна веднаш да се избрка од работа цела една фамилија, една бејбиситерка, еден шофер, но и да се исклучат од струја одредени семејства преку локалната компанија за електрична енергија, во сопственост на австријската ЕВН.

Од истите документи се гледа дека целиот систем на купување гласови се базирал на константни уцени кон луѓето, конкретно Ромите како дел од жителите на Струмица, стои во текстот на „Ла верита“.

Осомниченото злосторничко здружение кое било под истрага си ги олеснувало своите крајни цели и преку издавање лични карти по скратена постапка, имајќи ја предвид македонската бирократија, со цел гласачите да можат навремено да ги упатат кон гласачките места.

Покрај ова искуство од минатото, наскоро следуваат предвремени избори. Ќе видиме дали македонското обвинителство ќе продолжи понатаму со истрагите и како ќе се однесуваат државните институции.


Прв дел: Зоран и Вице Заеви учествувале во купопродажба на гласови на изборите во 2014 година

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.