„Стоп за дезинформациите” е еден од 10 приоритети во стратешката владина рамка “Акција 21” – за европски стандарди дома. СДСМ како одговорна партија целосно е посветена на спроведување активности за спротивставување на дезинформации, лажни вести со што ќе се спречат штетите коишто му ги нанесуваат на нашето општество, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Во рамки на Планот за одлучна акција против ширењето на дезинформациите и против нападите врз демократијата, во периодот пред нас, ќе има засилени активности, широки консултации со медиумските работници и со граѓанскиот сектор, и уште посериозна, поинтенивна борба со дезинформациите, со говорот на омраза и сите други форми на хибридни закани против демократијата.

Со овој План изработен е и протокол за кризни комуникации помеѓу централниот владин комуникациски сервис и министерствата, којшто за време на ковид кризата изминатата година, значително придонесе во сузбивањето на лажните вести кои во огромен број беа пласиран преку медиуми со сомнително финансирање и блиски до опозициската ВМРО-ДПМНЕ .

Такви тенденции се препознаваат и денес со вестите поврзани за вакцината против КОВИД-19, се со цел да се предизвика недоверба кај граѓаните, несигурност и паника, и секако, да ги обезвреднат силните напори на институциите и лекарите во борбата против пандемијата.

Ваквите обиди ќе се разобличуваат како дезинформации во соработка со факт чекери, а на медиумите ќе им се обезбеди најтранспарентен пристап до релевантни извори и информации, со цел креирање објективни медиумски содржини кои се од јавен интерес.

Јавниот интерес мора да се штити, граѓаните треба и мора да бидат целосно точно и навремено информирани за начините на заштита од КОВИД, вклучително и за процесот на вакцинација. Лажните вести се директен удар врз демократијата. Тие мора да се препознаат, да се посочат, разобличат и целосно да се сузбијат. Токму затоа е важна и образовната реформа за воведување на медиумска и дигитална писменост во основното образование.

Завршена е и процедурата за усогласување на Меморандум за соработка на нашето Министерство за одбрана со НАТО на полето на сајбер одбраната. Овој Меморандум ќе овозможи координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напади. Нашата држава има голема поддршка од стратешките партнери во борбата против лажни вести и дезинформации, кои го напаѓаат целиот свет, истакна Кузеска.

ОД ВМРО-ДПМНЕ одговорија, пак, дека изворот на заразата лажни вести е СДСМ.

СДСМ е политичка партија која затскривајќи ги лошите и грешни политики, шири лажни вести со цел да им замачка очи на граѓаните.

СДСМ е партија која на крајно некоректен начин лажеше дека Република Македонија ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ во април, па потоа во мај, па ноември, па во декември, а во реалноста датумот го нема и наместо него Македонија доби вето.

На граѓаните им е јасно дека ова е најлошата и најнеспособната политичка гарнитура на чело со Зоран Заев и СДСМ која што некогаш ја водела државата. Секогаш кога СДСМ е на власт државата се соочува со економски колапс, затворени фабрики, пропаднати бизниси и криминални афери.

Граѓаните не паметат дека СДСМ некогаш нешто направила или изградила, туку секогаш сведочи на расипничко и недомаќинско работење со нивните пари. Згора на тоа, покрај тоа што СДСМ непродуктивно ги троши парите на граѓаните, лаже и измислува проекти преку кои само го затскрива крадењето кое интензивно го спроведува.

СДСМ е ширач на лаги и манипулации.

Како никогаш досега, власта го стега обрачот околу медиумите во државата и им дава поддршка само на оние медиуми кои што работат во полза на власта и Зоран Заев. Сите останати медиуми се држат во страв и неизвесност, а дел од нив веќе имаат и директни закани. Тоа е вистинското лице на СДСМ.

Зоран Заев јавно во своите обраќања на митинзите велеше дека ќе се бори за слобода на говор и слободни медиуми, а сега јавноста може сама да се увери во спротивното, односно во прогонот на новинарите и медиумите.

Само во Република Македонија новинарите се соочуваат со драконски казни за пишан збор. Тоа е класична диктатура.

Со СДСМ и Зоран Заев нема слобода ниту за медиумите и новинарите, ниту за граѓаните на Република Македонија, возвати ВМРО-ДПМНЕ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.