Поранешната пратеничка и претседателка на скопската организација на СДСМ, Софија Куновска вели дека промените на „Бихаќска“ може да бидат корисни доколку се темелат на принципи, но се сомнева дека тоа е случај сега, иако ќе и биде драго ако времето ја демантира.

Впечатокот е дека обрачот се стега околу врвот на СДСМ. Лошото менаџирање со наметнатите високи очекувања кај граѓаните од самиот почеток на раководењето со СДСМ, но и со Владата, од страна на актуелното раководство дојде на наплата. Затоа акцијата е во крајна нужда иако беше најавувана одамна, но во помал обем – коментира Куновска за „Независен весник“.

Според неа, од пред два дена, лествицата на очекувања е поставена уште повисоко.

Но внатрепартиската прераспределба на функции во СДСМ е сосем неважна за граѓаните. Очекувањата се дека промените важни за граѓанинот допрва следат во обем и квалитет сооодветен на досегашните крупни потфрлања. А тоа нема да биде едноставно. Прашање што останува да лебди е дали само кадровските смени ќе бидат доволни за поправање на впечатокот или сето ова ќе мора да биде проследено со подлабоки системски зафати – вели Куновска.

Експратеничката потенцира дека прогресивниот дел од демократската јавност свесно го проголта, во име на просперитетот за својата земја, е прифаќањето на горките порции како што беа промената на уставното име за вкупна употреба и договорот со Бугарија. Но за сметка на тоа, смета дека граѓаните ќе бидат се повеќе оправдано хиперсензитивни и нетолерантни за злоупотреби, неподговорност, и неспособност на раководните партиски структури во институциите на системот на било кое ниво.

Функционалноста на институциите и чесната работа беше најмалку што мора да понуди оваа гарнитура наспроти сите насобрани проблеми. За среќа, близу е моментот кога ќе станат видливи вистинските намери. По завршувањето на целата операција ќе се расчисти дилемата и ќе стане јасно дали со неа се чистат неистомисленици, дали функционерите добиваат анонимни алтернации заради ‘уметнички дојам’ или навистина ќе се поправаат грешките од практицирањето на власта и ќе се подобрува кадровската понуда заедно со перформансите на владата и локалните самоуправи. Засега доволно е да заклучиме дека одговорноста се бара и ќе се бара кај многумина, а конците одамна ги движат еден-двајца – заклучува Софија Куновска во разговор за „Независен“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.