Еден од проблемите во североисточниот регион е пластичниот и алуминскиот отпад од шишиња и лименки, со чие неконтролирано фрлање, се создаваат диви депонии и се загадува животната средина. Со цел справување со овој проблем, проектот „За чист град“ во рамки на Североисточниот плански регион предвидува воведување на селекција на овој вид отпад и можност за рециклирање, со помош на машини „пластикмати“.

– Вкупниот буџет за овој проект е 2 милиони денари, а партнери се ООУ „Крсте Мисирков“ Куманово и  ЈП Чистота и зеленило, Куманово. Поставени се 3 вакви машини, во три поголеми маркети, во општините Куманово, Липково и Крива Паланка. Целта на поставувањето на овие машини е да се мотивираат граѓаните што поефикасно и побрзо да се вклучат во процесот на селективно одложување отпад. Со самото учество во процесот односно депонирањето на шишиња и лименки во пластикматите, граѓаните ќе бидат соодветно наградени со поени кои се конвертираат во денари и кои граѓаните ќе можат да ги искористат за купување на производи во маркетите каде се поставени пластикматите, појасни министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Според амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер на овој начин, преку стимулација за селекција и реупотреба на отпадот, граѓаните ќе се едуцираат за бенефитите од рециклирањето и ќе се вклучат во самиот процес помасовно, со крајна цел намалување на загадувањето и заштитата на животната средина.

– Ризиците што произлегуваат од климатските промени, деградацијата на животната средина и природните опасности значително влијаат на отпорноста на системите и заедниците. Заштита на животната средина е глобален проблем и заедничка одговорност и на државите и на граѓаните. Подигањето на свеста за околината и третманот на отпад е клучен прв чекор. Но, само свеста не е доволна. Треба да ги имаме вистинските алатки и партнери на терен што ќе го градат и управуваат системот што ќе им овозможи на граѓаните. Затоа сум среќенa што еден од клучните партнери во оваа иницијатива е ПАКОМАК. Намалено фрлање пластика во отворени корпи и контејнери, зголемена свесност за избор на отпад и повторна употреба, нови иницијативи за дополнителни пластики ќе бидат најголемата придобивка од овој проект. Сакаме овој проект да биде мотивација и повик активно да се користат Пластикматите. Уште еднаш, увидовме како преку учество на граѓаните добиваме иновативни идеи кои имаат корист и за животот на луѓето и ја штитат нашата околина. Искрено ја поздравувам оваа иницијатива на Североисточниот плански регион за препознавање на потребите за овој вид на проект, додава таа.

Од компанијата Пакомак, преку Пластикматите кои се домашно производство, се очекува да бидат собрани од 300 до 400 шишиња дневно од една машина, односно од 900 до 1200 шишиња дневно од сите 3 машини, да има 100 проценти поврат на пазарната вредност на пластичната амбалажа/алуминиумот односно од 0.4 до 0.5 денари по шише. Исто така според проценките планирано е од  1000 до 1500 потрошувачи-граѓани кои рециклираат да го употребуваат пластикматот, со тенденција за зголемување со зголемувањето на популарноста на оваа машина.

Главните цели на проектот се намалено фрлање на пластика во отворени корпи за 300 до 400 отпадоци дневно, зголемена свест за селектирање и реупотреба на отпадот кај минимум 10 – 15 отсто од населението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.