Чешкиот министер за надворешни работи, Јакуб Кулханек, кој е во посета на земјава, во својство на еден од претставниците на неформалната групата земји членки на ЕУ „Ц5“, порача дека заедничката посета на Македонија има цел да испрати јасна и гласна порака дека сериозно го ценат напредокот којшто земјата го направи до сега во процесот на пристапување кон ЕУ.

Кулханек изјави дека почетокот на вистинските преговори за членство на Македонија одамна доцни и Чешка, Австрија и Словенија, како и други истомисленици меѓу земјите членки на ЕУ, силно ја поддржуваат иницијативата на португалското претседателство со Унијата да се организира првата меѓувладина конференција во јуни.

Кулханек порача дека не смее да има нови одложувања.

Клучно е да знаеме дека овој важен чекор во процесот на пристапување е искомплициран поради билатерален спор со соседна земја. Градењето добрососедски односи е клучна компонента на процесот за пристапување. Сепак користејќи го овој процес за да се поставуваат конкретни билатерални барања, не е фер, и не е во ред. Се надеваме дека овој билатерален спор ќе се реши преку билатерални преговори навремено – истакна Кулханек.

Тој објасни дека средноевропските земји имаат богата историја на сложени односи и спорови, но, дека успеале да ги надминат несогласувањата и да станат силни партнери и пријатели во рамките на поголемото европско семејство на ЕУ.

Сите ги споделуваме нашите ставови и загриженоста на нашите партнери од Западен Балкан, но мораме да гледаме напред, мора да се фокусираме на она што можеме да го направиме за Македонија и за целиот регион. Интеграцијата на регионот во ЕУ е наш стратешки избор и тоа треба да биде на врвот на нашите мисли кога ќе дојде време за Самитот на ЕУ. Би сакал да ве уверам дека во таа насока Македонија и другите земји од Западен Балкан можат да сметаат на нашата целосна поддршка – порача министерот за надворешпни на Чешката Република.

Кулханек ја пофали Македонија, за како што рече, храбриот напор да го сузбие протокот на мигранти и нагласи дека Чешка е силен поддржувач на земјава.

Во одговор на новинарско прашање, Кулханек рече дека не може и не смее да се дозволи да се заглави во историски спорови и барања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.