Кривичниот суд Скопје бара од државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски да се произнесе кое обвинителство може во иднина да постапува како овластен тужител во предметите поднесени од Специјалното јавно обвинителство.

Од Судот посочуваат дека, сé до произнесување на државниот јавен обвинител дали предметите ќе останат во надлежност на СЈО или ќе бидат преземени од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, Основниот суд Скопје 1 – Скопје во сите предмети постапува согласно одредбите од ЗКП, а за предметите на СЈО добиени по истекот на рокот за кој милење даде Врховниот суд на РМ, кои се итни и неодложни ќе одлучуваат надлежните кривични совети, сé со цел да не дојде до непотребно одолговлекување.

Колегиумот на судии при Основниот суд Скопје 1 на вчерашната седница на која се дискутирало правното мислење на Врховниот суд на Република Македонија во однос на рокот во кој Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) може да поднесува и презема обвиненија, донесе заклучук да се обрати до Јавниот обвинител на Р.Македонија, Љубомир Јовевски, со барање Јавниот обвинител да се произнесе кое обвинителство може во иднина да постапува како овластен тужител во предметите поднесени од СЈО, се наведува во денешното соопштение од Кривичниот суд.

Воедно, Судот бара државниот јавен обвинител да иницира автентично толкување на член 22 од Законот за СЈО од Собранието на Република Македонија бидејќи, како што посочуваат, само законодавецот може да даде автентично толкување на законите.

Од исклучителна важност за Судот е правилна и доследна примена на Законот за кривична постапка кој е од примарно значење во водењето на постапките. Во таа смисла е и барањето до јавниот обвинител во однос на примената на член 17 од ЗКП: Член 17 Начело на акузаторност и официјалност (1) Кривичната постапка се поведува и се води само по барање од овластениот тужител. (2) За дела за кои се гони по службена должност или по предлог на оштетениот овластен тужител е јавниот обвинител, а за дела за кои се гони по приватна тужба овластен тужител е приватниот тужител, стои во соопштението од Кривичниот суд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.