За да биде појасно зошто претседателот на Владата инсистира обвинителката Вилма Рускоска да биде на чело на новото обвинителство кое ќе гони органзиран криминал и висока корупција од една страна и тоа да почне со работа на предмети за корупција од датумот на формирање од друга страна, да се потсетиме на еден мал дел од неистражените криминали на актуелната владејачка гарнитура.

Генсекот на Владата Драги Рашковски и тендерот за М-НАВ

Десната рака на премиерот Заев, генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, беше посочен во врска со тендерот за набавка на опрема за агенцијата за воздушна пловидба М-НАВ. На снимките од состанок на кој претставници на М-НАВ дискутирале за тендерот со Рашковски, се слуша како генералниот секретар разговара за тоа кој ќе ја добие набавката вредна над седум милиони евра, и поттикнува да се склучи договор со италијанската компанија Леонардо. Рашковски притоа користеше крајно навредлив јазик кон Италијанците, Ромите, Малтежаните, сите народи кои живеат јужно од Екваторот… Антикорупциската комисија најави дека ќе го истражи случајот, додека обвинителството беше видно незаинтересирано.

Хидроцентралите на Анѓушеви

Антикорупциската комисија препорача истрага и во бизнис империјата на вицепремиерот Кочо Анѓушев поточно за неговиот брат Тодор Анѓушев, поради изградбата на хидроцентрала врз државно земјиште. Компанија на Анѓушеви склучи договор со Владата по непосредна спогодба да користи градежно земјиште за браната Тополки. Пред преземањето на функцијата, Анѓушев ветуваше дека ќе ја тргне на страна својата бизнис империја, но во реалноста, негови компании се офајдија од тендери за јавни набавки, договори за државно земјиште и „иновациски грантови“.

Тедери, вработувања, амнестија од СЈО за осумтемина одметнати пратеници

Јавни набавки завршија и други видови на „награди“ добија и пратениците кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ откако гласаа за преименување на Македонија. Така на пример семејната фирма на вевчанскиот пратеник Крсто Мукоски доби тендери вредни безмалку милион евра откако тој ја крена раката за „Северна“. Други пратеници како Љубен Арнаудов, Зеќир Рамчиловиќ, Емилија Александрова и Нола Старова Исмаиловска издејствуваа вработувања за свои блиски роднини, додека дел од нив како Елизабета Канческа Милевска и Владанка Авировиќ добија повластен третман во судските спорови против нив или против нивни роднини. Не само што обвинтиелството не ги истражи наводите за потплатување и уценување на пратениците, туку судството видно соработуваше со власта во координирање и дозирање на притисоците врз пратениците.

Градоначалници насилници, шверцери, шерифи…

Во јуни се појавија аудио снимки на кои се слуша како градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш, кадар на партијата СДСМ, брутално малтретира, тепа и му се заканува на вработен во општината. Дудуш на снимките го удира вработениот Сенат Јашар, и му вели дека ќе донесе бејзбол палка за да „му ги скрши ребрата“, затоа што тој наводно го критикувал во јавноста. Специјалното јавно обвинителство покрена кривичен случај против поранешниот премиер Никола Груевски за „насилство во општина Центар“, за протести за време на кои наводно требало но сепак не беше извршен физички напад. Реалниот и брутален физички напад извршен од страна на Дудуш предизвика далеку помалку интерес во редовите на владејачката структура.

И други градоначалници и локални моќници од редовите на СДСМ беа посочувани како учесници во криминал. Градоначалникот на струмичко Ново Село Боро Стојчев мораше да поднесе оставка откако беше уапсен како шверцува цигари кон Бугарија заедно со членови на семејството. Стојчев беше осуден на само шест месеци затвор, а судот го отфрли барањето да одлежи уште две години затвор поради условната казна што ја добил за проневера во службата во 2015 година.

Градоначалникот на Демир Хисар Марјанче Стојановски во септември 2018 година беше снимен како им се заканува на вработените во училиште дека ги снима нивните телефонски разговори. Локалниот моќник на СДСМ од Прилеп Миле Талески и министерот Горан Сугарески беа снимени како вршат притисок врз ново-вработени во болницата да гласаат за Стево Пендаровски на претседателските избори, а во Делчево, градоначалникот Горан Трајковски истури неколку камиони отпад пред влезот во приватна компанија чиј сопственик го пријавил во Антикорупциската комисија.

Тендери за свои

Советникот на Заев и доскорешен организациски секретар на СДСМ Миле Зечевиќ наплатил 77.000 евра од Водовод Скопје

Повеќе јавни претпријатија побрзаа, по преземањето на власта, да склучат договори за адвокатски услуги со адвокати блиски до партијата СДСМ. Во оваа пракса предничеше скопски Водовод, кој потроши неверојатни 550.000 евра на адвокатски услуги само во 2018 година. Советникот на Заев и доскорешен организациски секретар на СДСМ Миле Зечевиќ наплатил 77.000 евра од ова јавно претпријатие, а пари се слеале и на сметките на поранешната министерка за правда Мери Младеновска, на канцеларијата отворена од заменик-министерот за правда Оливер Ристовски, пратеничката Снежана Калеска – Ванчева и функционерот на СДСМ Стевица Јосифовски. Името на Зечевиќ се вртеше во јавноста и поради неговото именување во надзорниот одбор на Стопанска Банка – Битола, една од компаниите кои се најдоа на удар на Специјалното jавно oбвинителство, што беше протолкувано како користење на судството за да се влијае врз приватни компании.

Недопирливата ДУИ

Обвинителството беше генерално незаинтересирано за обвинувањата за криминал од редовите на недопирливата партија ДУИ. Информациите изнесени од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, дека функционери на Фондот за пензиско осигурување ПИОМ се одговорни за злоупотреби во износ од 20 милиони евра кои требало но не биле пренасочени кон вториот пензиски фонд предизвикаа краткотрајна политичка криза во коалицијата, но набргу потоа беа заборавени.

Снимките изнесени од Шекерим Ахмети, познат како Ел Чека, покренаа сомнежи за криминал во врвот на ДУИ во врска со набавки во ТЕЦ Осломеј, но обвинителството претпочита да истражува од каде Ел Чека ги добил снимките, отколку што се содржано на нив. Обвинителството на Љубомир Јовески неодамна покрена истрага против функционер именуван од страна на ВМРО-ДПМНЕ поради наводно вработување на едно лице кое вршело партиски активности во работното време, додека за приближно илјада „рамковни“ вработувања се предлага процес на „трансформација“.

Чекмеџето на Фондот за иновации

(фото: Влада на РМ)

Низ целиот мандат на Владата на Заев, Фондот за иновации и технолошки развој беше поврзуван со сомнително доделени грантови за иноватори. Како добитници на грантовите се јавија компанија на вицепремиерот Кочо Анѓушев, печатница на пратеникот на СДСМ Хари Локвенец, печатницата на провладиниот весник Слободен Печат, сопругата на провладиниот новинар Горан Михајловски и низа други лица блиски до власта, а износите се движеа во стотици илјади евра. Последниот скандал се однесуваше на грант вреден 240.000 евра доделен на братот на новинарот и поддржувач на власта Сашо Орданоски, при од фотографиите претставени од самиот Орданоски што се покажа дека „иновација“ е всушност изум на компанија од Индија.

Mегаскандалот „Рекет“

И конечно, мегаскандалот Рекет, кој обвинителството предводено од Љубомир Јовески и Вилма Рускоска почна да го истражува дури по неколкумесечни прозивки во медиумите, и откако доказите почнаа да протекуваат во јавноста. Истрагата се одвива со брзина на полжав, особено кога доказите посочуваат кон високи претставници на владејачката партија. Освен за изнудата на милиони од бизнисмени како Орце Камчев, обвинителството се уште нема поднесено пријави за страничните скандали поврзани со рекетот што наводно го вршеле Катица Јанева и Боки 13, како што се сомнителните исплати на стотици илјади евра од градежни компании од Битола и Струга, наводно со цел да се добијат вредни државни локации за градење на охридското езеро или во Скопје, потоа наводното изнудување на скапи автомобили и станови од бизнисмени кои биле гонети од Јанева.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.