Добивме одговор дека некој некаде погрешил во процедурата за избор и испраќање на нашиот највисок воен претставник во НАТО. Во духот на „транспарентоста и отчетноста” пред јавноста, на Шекеринска ѝ требаа цели 11 денови и постојан притисок за да се одважи и да меѓу редови каже дека сепак погрешила, вели Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

– После 11 дена молк и игнорирање од страна на Министерот за одбрана, денеска слушнавме дека овојпат нема да брзала со избор на ново лице – кандидат, туку ќе почекала додека не завршат сите процедури за сите кандидати што барале НАТО безбедносни сертификати, па од нив ќе бирала кој ќе замине во НАТО. Со самото тоа се потврдува нашата теза дека првичното номинирање и избор на кандидатот било грешка и истото се должи на непрофесионалност и на политизација на процесот, односно на субјективизам при одлучувањето. Е сега, останува да се понесе одговорност за јавната бламажа на Македонија на меѓународна сцена и да се утврди зошто, кој и каде погрешил. Секако, Министерот за одбрана е таа која мора да понесе политичка одговорност и да поднесе оставка како што тоа би било случај во било која држава од цивилизираниот, односно демократскиот свет – вели Ковачки.

Претходно министерката за одбрана Радмила Шекеринска изјави дека секоја држава која станала членка на НАТО минувала низ истиот процес, и секаде одреден број нивни армиски припадници, не само на нивните структури туку и на цивилните структури не успевале да добијат НАТО сертификат. Тоа, посочи таа, е затоа што кога ќе станете земја членка имате пристап до голем број на информации, и Алијансата е многу внимателна. Таа посочи дека е погрешно и штетно да влеземе во математики од овој тип бидејќи тие можат да бидат злоупотребени и во државата и надвор од државата.

Сепак, како што рече, оние кои не добиле сертификат, не значи дека направиле нешто што е спротивно на законот или на интересите на државата.

Едноставно, посочи, заради одредени објективни прашања постои резерва и затоа тоа не се издава. И ние, како што рече, понекогаш немаме ни право тоа да го проблематизираме.

-Но она на што дефинитивно немаме право ниту ние ниту останатите е тоа да го политизираме. Јас апелирам до сите да не дозволиме нешто што е тешко спечалено да го уништуваме заради полтиички поени, рече Шекеринска на денешната прес-конференција во одговор на прашање.

Според министерката, не е во ред ова прашање да се политизира заради луѓе кои минале големи кариери, но и за нашиот имиџ како земја членка на НАТО.

– Не е во ред ова прашање да се политизира заради луѓе кои минале големи кариери, но и за нашиот имиџ како земја членка на НАТО. Затоа се прави процесот на сертификација, затоа што секогаш дополнителна контрола треба да направиме, бидејќи имаме веќе пристап до податоци, информации и документи за кои никогаш не сме имале пристап во својата историја, рече Шекеринска.

Додаде дека процесот на ресертификација не ги опфаќа само воените служби, туку и безбедносни, дипломатски служби, администрација и секаде и во секоја држава имало луѓе кои не добивале сертификати.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.