Драган Ковачки, пратеник во македонското собрание од ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница за интерпелација на собранискиот спикер Талат Џафери, вели дека Џафери неколку пати го прекршил Етичкиот кодекс и токму поради тоа треба да има одговорност за неговото недолично однесување кое што целата македонска јавноста го виде.

-За жал ќе споменам неколку работи кои што не одат во прилог на првиот човек кој што го води собранието. Прво во изминатиот период во јавноста се појавија информации дека Талат Џафери имал ненајавена средба со чеченска делегација предводена од Абдул Вајот Азов која според информациите бил марионета на Кремаљ, и основач на исламскиот културен центар кој што давал поддршка на здружението Муслимани во поддршка на претседателот Путин. Гостите од чеченската делегација го посетиле и Тетово каде што договарал изградба на парк и изградба на Ахмад Кадиров кој што е татко на сегашниот шеф на чеченските борци кои што војуваат во Украина. Ние како јавност не бевме запознаени за таа средба и ценам дека тоа е голем пропуст и на претседателот на собранието, можеби и на службите на собранието. Јавноста не доби одговор што било договарано на таа средба. Исто така по некои канали дознаваме дека и во службите нема таква информација дека таква средба е реализирана односно што се зборувало на таа средба, вели Ковачки.

Ковачки смета дека однесувањето на Џафери на 11 мај кога со пцовски им се обратил на вработените во собраниската служба е вулгарно и нецивилизирано како и дека изјавите на Џафери дека не ги пцуел вработените туку нивната работа се неодговорни, бидејќи, како што рече, ако вработените во собраниските служби не си ја вршат својата работа тогаш постои дисциплинска постапка, а не да бидат вулгарно нападнати пред целата јавност.

-Втората точка за која сакам да зборувам а тоа е нарушувањето на Етичкиот кодекс. Јавноста на 11 мај во доцните часови беше сведок на едно вулгарно и нецивилизирано однесување на првиот помеѓу еднаквите кој што на еден начин на кој што не доликува на претседател на собрание, на носител на јавна функција да се однесува кон луѓето кои што ги раководи. Побаравме образложение и објаснување, меѓутоа претседателот на собранието две недели го немаше, еве третата недела се појави во јавност и на прес конференција изјави дека не ги пцуел службите, туку ја пцуел за жал нивната работа. Малку неодговорно и несоодветен пристап, бидејќи очекувавме барем во најмала рака да се извини на сите. Јавноста не дозна дали е тоа прв случај, дали имало поранешни такви случаеви, затоа што има начини како тоа да се превенира бидејќи постојат дисциплински комисии, дисциплински постапки за тие кои што не си ја вршеле работата можело да бидат санкционирани, а не да бидат вулгарно нападнати на очиглед на целата јавност и да бидат навредувани пред нивните семејства, кажа Ковачки.

Ковачки потенцираше дека Џафери го прекршил Етичкиот кодекс на Собранието по основ на повеќе точка, а како што рече да е срамот поголем самиот тој го потпишал.

-Јас би го споменал нарушувањето на кодексот во членот 4 во делот на објективноста, пишува дека пратеникот функцијата ја извршува без предрасуди и дискриминација на полот, расата, политичкото уверување. Сведоци сме дека од сегашниот претседател на собранието Џафери 35.000 амандмани беа фрлени во корпа. И тука има елементи и за дело, меѓутоа само за кодексот за кој што денеска зборуваме имаме постапување по основ на политичко уверување, рече пратеникот Ковачки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.