Имам две пратенички прашања, првото прашање е упатено до министерот за внатрешни работи, станува збор за една фирма која што добила тендер за храна од Mинистерството за внатрешни работи. И која исто така добила грант од државата за изградба на фабрика од оваа Влада. И исто така оваа фирма добива тендери во рекордни 13 милиони евра. Значи почитувана јавност во касарните односно во објектите на министерството за внатрешни работи конкретно во Ѓорче Петров во касарната имаме потполно нов објект изграден пред десетина години, а токму кога во периодот е министер за внатрешни работи Оливер Спасовски тој објект дополнително се осовременува и се набавува најсовремена кујна. Значи по сите хасап стандарди. Истото е и со Центарот за обука во Идризово. Значи имаме нови кујни со нова најсовремена опрема за приготвување и складирање на храна. Кујни во кои досега вреден и искусен персонал подготвуваше храна за полициските службеници. Но овој пат внимавајте за првпат во независна Македонија полициските службеници сместени во овие објекти што ги спомнав ќе конзумираат храна која ќе биде набавена од приватна фирма. И тоа не било од која фирма туку од фирма која е основана токму со поддршка од Владата на ДУИ во која партиципира и Социјалдемократскиот сојуз. Значи МВР изградило нови објекти како кујнско трепезариски блокови односно набавила скапа нова опрема, но услугите за исхрана ги дало на фирма која добила грант од 1.6 милиони евра од Владата, истакна Драган Ковачки, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

Ковачки додаде дека на поставувањето на камен темелникот на погонот на фабриката на истата во Гази Баба бил присутен и министерот за внатрешни работи. Со двата тендери на МВР од речиси 13 милиони евра од кои за период од 36 месеци компанијата „Индустри сервис“ во просек може да наплати до 4.5 милиони евра. И тоа е речиси за една третина повеќе пари во однос на минатата година кога МВР дало односно потрошило околу 3.3 милиони евра за храна. Ваквиот начин на набавка на храна во МВР, институцијата ќе ја чини многу повеќе пари отколку да се готви храната во кујните на МВР.

Од договорите на МВР со оваа компанија се гледа дека истите се полни со конзерви и со сува храна. Дури гулашот и гравот во спецификацијата доставена од МВР до фирмата се во конзерви. Значи се од други производители, а не се од фирмата која што ги доставува. Да заклучам ова значи дека фирмата „Индустри сервис“ само ставиле своја маржа на конзервите и сувата храна како последица на тоа МВР плаќа повеќе отколку кога самите би произведувале и би набавувале во одвоени постапки нешто што Законот го дозволува. Значи моето прашање до министерот за внатрешни работи е следно, колку проценти од таа маржа на фирмата со која склучивте договор ви припаѓаат вам лично, го запраша Ковачки министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Пратеникот посочи дека неговото второ прашање се однесува до премиерот. Значи во изминатиот период граѓаните имаа можност да видат како се случуваат бегства од затворите како на филм, значи со добро вооружени лица, со употреба на огнено оружје, со помош од внатре.

Македонија е во моментов земја со најголем број на бегства од затворите во Европа на просек од 10.000 затвореници имаме околу 700. Само за споредба Албанија има нула, Црна Гора има нула, Словенија има нула, Шпанија има 2, Бугарија има 8 итн. А, ние имаме 690, односно околу 700. Значи имаме тотална нефункционалност на системот поради корупција или неспособност, или пак комбинација од овие двете. Нема безбедносен скандал во Македонија, нема криминал, нема криминалец кој што нема конекција со Социјалдемократскиот сојуз. Системот за казни и ресоцијализација е продолжена рака на корумпираното МВР и министерството за правда. Последното актуелно бегство на затвореник, ладнокрвен убиец се случува со насилство, пукање, ранети полицајци и неминовно во дослух со службите, рече пратеникот.

Тој укажа дека командир на смена на затворската полиција, лице кое е претходно избркано од МВР поради корупција е блиско на Социјалдемократскиот сојуз. Без никакви безбедносни проверки повторно го Правда и го унапредуваат во командир. Во јавност излегоа снимки на истиот тој командир кој на само неколку дена на настанот објавува слика на социјалните мрежи со генералниот секретар на Социјалдемократскиот сојуз, Миле Зечевиќ. Но, пред два дена медиумите објавија уште едно бегство од затвор, овој пат од Шутка, а институциите десет дена молчеа и не известуваа за тој настан па мораше новинарите да откријат што се случило. И повторно станува збор за лице кое наменски било преместено во полуотворен оддел за да може да избега. А, истото тоа лице може да се види на фотографии по социјалните мрежи со актуелни и поранешни политичари.

Моето прашање до премиерот е следното, дали знаете дека во вашиот партиски штаб се договараат бегствата на затворениците од затворите, го запраша Ковачки Димитар Ковачевски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.