Подигнување на спомен-облежеја одобруваат и градат општините со општински средства и општинските советници и градоначалникот одлучиле дека тие финансиски средства треба да ги вложат во такво обележје, истакна денеска во Прилеп премиерот Димитар Ковчевски во врска со споменикот на ОНА во Слупчане.

Во услови на криза јас сметам дека советниците во сите општини и тоа во неколку наврати го имам кажувано, треба да размислат добро на што се инвестираат финансиските средства и со оглед на тоа дека се наоѓаме во голема финансиска криза и пред нас престои најтешката зима за нашите генерации и нешто постарите генерации откако паметиме, рече Ковачевски на настанот по повод отворањето на Одделението за магнетна резонанца во рамки на одделот за рентген во Општата болница во Прилеп.

На новинарско прашање дека во Прилеп семејството само подигнало спомен-обележје на еден од бранителите кој загинаа во Диво Насеље и дали во нашата држава постојат закони кои го регулираат оваа прашање, Ковачевски повтори дека со оглед на тоа што спомен-обележјата се во надлежност на општините, тогаш и на Општина Прилеп останува на кој начин ќе донесе одлуки и како ќе се сеќава на оние кои што ги дадоа своите животи за независна Република Македонија.

Тие обележја треба да не потсетуваат на времиња коишто поминаа. После 2001 година ние во Република Македонија имаме систем во којшто прво помалите заедници се вградени во Уставот. Второ, ние сме држава која што единствена во Европа има Министерство кое што се грижи за правата на помалите заедници, имаме законски решенија коишто ги унапредуваат правата на помалите заедници, изјави Ковачевски.

Тој нагласи дека треба да градиме односи од коишто ќе резултираат со изградба на европска држава во која што ќе зборуваме за воведување на нови технологии, за поголема грижа за граѓаните и за теми на коишто треба да ја градиме иднината.

Треба да градиме држава која што нуди еднакви можности за сите граѓани, бидејќи да не заборавиме дека ние сме мултикултурно, мултиетничко, мултиконфесионално општество, какви што ги има многу малку во Европа со толкав процент на застапеност на различни етнички и верски заедници и коишто единствено низ живот во кохезија, меѓусебна соработка и градење на здрави и добри меѓуетнички и меѓуверски односи можат да изградат подобра држава за сите граѓани, додаде Ковачевски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.