Владата нема никаква субординација ниту на судството, ниту на обвинителството, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за „вработување во судството со сомнителни документи“.

Во однос на судиите и обвинителите, јас ќе повторам уште еднаш дека и судството и обвинителството се независна власт во државата. Владата нема никаква субординација ниту на судството, ниту на обвинителството. Единствена обврска на Владата е да ги предлага законите во делот на правосудството и тоа го прави кога се однесуваат на усогласувањето на нашиот правосуден систем со системот на ЕУ – рече премиерот Ковачевски.

Премиерот истакна дека дел од законите што Владата ги предложила се уште не се донесени заради блокадата од страна на опозицијата.

Ние веќе имаме поднесено голем број на закони коишто се однесуваат и на висината на платите и надоместоците на судиите итн., потоа ги имаме обезбедено како Влада сите капитални инвестиции потребни во услови на криза заради дигитализација на судниците, заради опремување на судниците со се она што е потребно за нивно осовременување. Дел од тие закони за жал заради блокадата на опозицијата не се донесени во Собранието, меѓутоа во делот на прашањата на изборите и именувањата на судиите, јас не можам да дадам коментар. Тоа единствено може да ви дадат одговор или во судската или во обвинителската власт коишто се независни од Владата – изјави Ковачевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.