Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, укажа дека е во тек скрининг процесот, по почетокот на преговорите со ЕУ и на денешната седница во Собранието за пратенички прашања, повика на обединување околу европерспективите на државата.

„Нашата земја е соочена со големи предизвици и се наоѓа во пресудни моменти во кои што се одредува нашата иднина. Македонија има потреба од единство, сплотеност, заедништво, лидерство.
Тоа го очекуваат нашите граѓани. Тоа ѝ треба на нашата држава и ние сме спремни тоа да го направиме.
Како државотворни и одговорни лидери и предводници на сите основачки одлуки за независна, еднаква и евроатланска земја во последните три децении, сметам дека е дојдено време да ги повикам сите општествени чинители, граѓаните, медиумите, невладините организации, академската заедница и политичките партии, посебно парламентарните, да се исправат пред предизвикот на пресудните моменти за заокружување на нашата државност преку полноправно зачленување во Европската Унија.

Дојдено е време за заедништво, време е за храброст и за лидерство и ние сме подготвени да подадеме рака, надминувајќи се себеси и теснопартиските интереси.

Затоа, првенствено ги повикувам коалиционите партнери со кои што ги донесовме тешките и пресудни одлуки за независност, еднаквост и североатлантска држава како и опозицијата, да се обединиме околу стремежот за евроинтеграција. Јас сум убеден и подготвен. И сите ние треба да сме убедени и подготвени”, порача премиерот Ковачевски во Собранието.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.