Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Владата го пречека претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер и на средбата изразија заемно задоволство од одличните билатерални односи помеѓу двете земји, кои следната година одбележуваат јубилејни 30 години, како и од силната поддршка која Македонија ја добива од Сојузна Република Германија за евроатлантската интеграција.

Претседателот Штајнмајер изјави дека Германија сака да ја види Македонија што е можно поскоро во Европската Унија. Детерминираноста за спроведување на реформите е клучна за да се зачува демократијата и европските вредности. На средбата заеднички беше констатирано дека целата поддршка и напори кои ги вложуваат двете земји, вклучително и претстојните уставни измени, се во насока на обезбедување европска иднина на граѓаните, соопшти владината прес-служба.

Посочува дека покрај сојузништвото и партнерството во НАТО, ОН и ОБСЕ, Германија оваа година имаше и успешна улога во Берлинскиот процес кој резултираше со три потпишани договори за меѓусебно признавање на академските квалификации/дипломи, професионалните квалификации и патните исправи.

Сојузништвото и сплотеноста се особено видливи во усогласеноста со ЕУ и како НАТО-сојузници во поддршката за Украина, се наведува во соопштението.

Владата наведува дека денешната посета на Штајнмајер е потврда на пријателството и соработката и дека блиските релации на двете земји се потврдуваат и преку економската соработка.

Германија е прв и најголем економски партнер на Македонија, која околу 45 проценти од целокупниот извоз го извезува во Германија. Околу 200 компании во Македонија се германски компании меѓу кои и WPD која вложува околу 500 милиони евра во ветерна електроцентрала со моќност од 415КВ во Куманово – Крива Паланка, и која претставува сериозен чекор во производството на електрична енергија од обновливи извори, соопшти владината прес-служба.

Во рамки на посетата на претседателот Штајнмајер, во Владата се одржа и билатерална средба на двете делегации. Од страна на владината делегација присуствуваа и првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за економија Крешник Бектеши.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.