Премиерот Димитар Ковачевски побарал од министерот за образование и наука Јетон Шаќири со советничкиот тим уште еднаш да ги разгледаат реформите што беа предложени во овој ресор, а за спроведените да се види ефектот.

Се води прилично широка дискусија во однос на реформата во образованието. Разговарав со министерот за образование да седне со неговиот советнички тим, со советите што ги имаат во делот на образованието, уште еднаш да се разгледаат реформите што беа предложени, а оние што беа спроведени да се види нивниот ефект. Таму каде се уште не се почнати да се види каков е ставот на наставниците, на родителите, експертите, за на крај да донесеме одлука што ќе биде најповолна за сите страни, рече Ковачевски вечерва во гостување на ТВ Сител.

Тој говореше за доцнењето на учебниците и рече дека причина е тоа што морало да се направат нарачки и да се напишат со оглед на промената на образовните концепции во основното образование.

Ковачевски порача дека мора да се унапредува образованието и учениците да се стекнуваат со знаења што ќе бидат веднаш применливи.

Дуалното образование го посетуваат веќе неколку илјада ученици и со тоа, според него, успеваме да обезбедиме работа сила за фабриките што се отвораат во државава во се поголем број. За кратко време, како што рече, ќе имаме инвестиција на „Гересхајмер“ за производство на високософистицирани производи во медицинската индустрија, на литиумски батерии на „БМЗ груп“ од Германија, на „Јагео“ за производство на чипови, на коишто ќе им треба работна сила што ќе ги произведе тие софистицирани производи. Образованието мора да биде во чекор со тоа, наведе Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.