Шпекулација, замајување на јавноста, најнова лага и уште една небулоза во низата, вака премиерот Димитар Ковачевски денеска ја коментираше изјавата на претседеталот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски според кој „власта со уставните измени работи на создавање бинационална држава“.

-Тоа е уште една од низата небулози и замајување на јавноста од страна на опозицијата, истата таа опозиција зборуваше и дека во државата ќе има не знам колку милиони мигранти, дека државата ќе се кантонизира, дека со гласањето на францускиот предлог ќе сме станеле бугаризирани и асимилирани и дека ќе сме го изгубеле македонскиот јазик, но ништо од тоа не се случи. Ова е најновата во низата лаги. Се работи за шпекулација и за зборување нешто од немајкаде. Кога сите факти ќе ве побијат, не ви останува ништо друго освен измислување нови небулози кои ќе шират хистерија и страв кај народот, а нема да направат ништо добро, истакна Ковачевски.

Премиерот потсети дека Работната група за уставните измени има обврска да ги подготви измените согласно преговарачката рамка. Владата ќе биде подносител, а се работи за промена на Преамбулата и внесување други делови од народи во неа, каде веќе има и други делови од народи. Тоа е обврска која е императив и основна работа на Работната група, а потоа и на собраниските тела, дополни Ковачевски.

Тој рече и дека се уште не ја слушнал изјавата на бугарскиот спикер

На зборовите на Ковачевски денеска реагираше ВМРО-ДПМНЕ која праша дали Груби кажал, а тој прифатил Македонија да стане држава на два народи, односно бинационална држава? И дали за тоа требало да има посебна кампања во претстојниот период со која требало да се убеди јавноста, во таа идеја?

Според нашите информации кои ги објавивме во Комисијата за подготовка на уставни амандмани, се разговарало Македонија да биде бинационална држава, односно држава на два народи, неколку етнички заедници и малцинства. Ваквиот план на власта е поразувачки, наместо Македонија да се бори против надворешните барања, се соочува со нови услови и од дома.Ковачевски да внимава што ветува, без разлика на наградите кои ги добива од ДУИ, без разлика колку и да мисли дека опстојувањето на власт му е најважно од се, тој мора да остане достоинствен. Само месеци не делат од изборите, и треба да знае дека по истите ќе следи одговорност-изјави портаролот Марија Митева.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.