Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во телевизиското интервју за емисијата „360 степени“ повика на консензус за реализација на стратешката цел на Република Македонија – членство во Европската Унија.

Ова не е процес на еден човек, една политичка партија, или една влада. Ова е процес којшто секоја држава го поминува еднаш и завршува со членство во Европската Унија и сите тие политички партии имаат одговорност во градењето консензус за влегување во Европската Унија, одговори премиерот Ковачевски на прашањето околу донесувањето уставни измени во Парламентот.

Премиерот Ковачевски го посочи примерот со хрватскиот устав кадешто се вклучени 24 народи, што, како што рече, само ја зголемуваат цврстината на хрватското општество и ги соопшти очекувањата околу процедурата за којашто би се спровела во Собранието.

Прво мора да се напишат амандманите за да можат граѓаните да се уверат за што се работи. За тоа се потребни експерти, да бидат ангажирани во текот на летниот период, кои ќе ги напишат амандманите, во однос на внесувањето на други граѓани кои се самоопределуваат различно од оние кои веќе се запишани во Уставот, Хрватите, Црногорците, Бугарите, меѓутоа исто така интерес изразија – и тоа е добро според мене и Евреите и Торбешите, Еѓипќаните, коишто се дел тука од нас, рече премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски нагласи дека концепотот за кој тој се залага е концепт е за европска Македонија, односно за придвижување на нашата држава во семејството на европските држави, затоа што сегашните и идните генерации заслужуваат да живеат во земја членка на ЕУ, меѓутоа дома во родната држава, а не во туѓина.

Постојат низа објаснувања и низа на причини зошто ни е потребно зачленувањето во Европската Унија. И еве ќе ви дадам една споредба, само нашите граѓани веќе почнуваат да заминуваат на работа во Чешка, Словачка, Полска, што не било замисливо порано, бидејќи ние сме имале повисок стандард од нив. Но, самото членство на овие држави во ЕУ, го издигна животниот стандард на неколку ката повисоко, во однос на тоа што го имале.

Нашите граѓани заслужуваат, ние треба да носиме одлуки, токму заради иднината на сегашните и идните генерации“, повика премиерот Ковачевски.

Тој во телевизиското интервју за Алсат-М посочи дека од другата страна на концентот за европска Македонија е концепт за изолација, со популистичка и потпалувачка реторика, на опозициската партија Левица, којашто дури заговара евро-азиска унија за државата, на којашто е заложник опозициската ВМРО – ДПМНЕ, којашто нема став по прашањето.

Јас сметам дека на нашата држава ѝ треба, и во октомври го имам кажано, и треба окрупнување и здружување на сите прогресивни политички партии коишто се за пристапување на Македонија во Европската Унија, порача премиерот Ковачевски во вечерашното интервју на „360 степени“ за телевизијата Алсат-М.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.