По 17 години кандидатски статус Македонија е подготвена да повлече линија кон ЕУ.

Најавата на шефот на дипломатијата дека до лето ќе се чека земјите-членки на Унијата, со се Бугарија, да донесат одлука за старт на преговорите, во спротивно ангажманот во надминување на спорот веќе нема да и биде во фокус, денеска ја зацементира премирот, Димитар Ковачевски.

Дека очекувањата, но и односите меѓу двете земји се се помалку на нивото на кое беа пред само четири месеци, кога со големи очекувања и двете нови влади, и во Скопје и во Софија, влегоа во забрзан процесот за приближување на соработката и надминување на спорот, покажува и тоа што засега нема конкретен одговор дали на 24 мај двете земји заеднички ќе ги чествуваат Св. Кирил и Методи во Рим.

Инаку пред само  една година, за да се покаже затоплување во односите меѓу двете земји и дека постои соработка, двајцата претседатели, македонскиот, Стево Пендаровски и бугарскиот, Румен Радев, не само што заедно се поклонија на гробот на Св. Кирил во Рим, туку и заедно со авионот на бугарскиот претседател отпатуваа таму.

Сепак и покрај се поизвесното ново „не“ од Бугарија, испорачано преку Брисел во јуни, за Ковачевски нема да значи дека земјава ќе го напушти европскиот пат, туку дека само повеќе ќе се фокусира на домашните задачи и јакнење на соработката со  земјите-членки на Унијата.

Но освен со нив, Македонија ќе ја јакне и соработката со САД, за што за помалку од еден месец во Вашингтон ќе стартува стрaтешкиот дијалог меѓу двете земји, за кој во наредната недела ќе се дефинира тимот од македонска страна.

Иако двата процеси, завршувањето на едно поглавје на Македонија со Брисел и отворањето на ново со САД, доаѓаат во ист период, за Ковачевски тоа не значи и нивно сменување.

Ковачевски за да го потврди ова најави дека идната недела ќе отпатува во Брисел на состанок со земјите од регионот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.