Германија стои до Македонија за следниот исчекор на нашата држава во европските интеграции. Притоа е изразено очекување дека ова стратешко прашање за државата и за регионот ќе биде во преден план на сите политички субјекти во земјава.

Ова беше истакнато на средба на премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ со министерката за надворешни работи на Германија Аналена Бербок.

Како што информира владината Прес-служба, на средбата е истакнато долгогодишно искрено и силно македонско-германско пријателство и партнерство во 30-те години од воспоставувањето дипломатски односи, што се навршуваат оваа година.

Нагласено е дека е од суштинска важност за севкупниот геополитички контекст, целиот регион да продолжи да се движи на патеката на евроинтеграциите. И во таа насока е поздравена улогата на премиерот Ковачевски и на Република Македонија, како фактор на дијалогот и стабилноста во Западен Балкан, се вели во соопштението.

Ковачевски го поздравил доаѓањето на министерката Бербок во уште еден важен момент за Република Македонија.

Направивме историски исчекор и ги започнавме преговорите за пристапување во ЕУ, во јули 2022 година, што означи почеток на квалитативно нова фаза во односите со Европската Унија, по 17 години од стекнувањето кандидатски статус и по бројните предизвици на патот кон полноправно членство во ЕУ, со активната поддршка на Германија, којашто особено беше клучна за време на германското претседателство со ЕУ во 2020 година. Денес таа поддршка повторно ја имаме и е од големо значење затоа што Германија ужива голема репутација и длабока почит меѓу нашите граѓани, изјавил Ковачевски.

Претседателот на Владата посочил и на значењето на соработката со Германија на економски план, со оглед дека Германија е прв трговски партнер на Македонија во последните години, петти странски директен инвеститор во земјава, во којашто работат околу 200 германски компании, дека 45 проценти од вкупниот македонски извоз оди во Германија, како и дека големата македонска дијаспора во Германија е уште еден цврст мост во меѓусебната соработка.

На состанокот е поздравена и 100-процентната усогласеност на надворешната политика на Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Премиерот Ковачевски рекол дека Македонија е подготвена и како претседавач со ОБСЕ да придонесе во процесите за поголема стабилност во севкупната европска безбедност.

Политиката на проширување најдиректно придонесува за одржување на мирот и стабилноста во нашиот регион, за подобрување на демократијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права и слободи, оценил Ковачевски.

На средбата е истакнато и значењето на Берлински процес како движечка сила на регионалната соработка на највисоко ниво и како иницијатор на акционите планови за Заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан и Зелената агенда.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.