За претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, барањето на ВМРО ДПМНЕ за предвремени избори, во време на криза е несериозно. Тој на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски му порача дека нема да подлегне на неговите уцени, а неговата партија ВМРО ДПМНЕ ништо ново не им нуди на граѓаните. Уште еднаш Ковачевски повика на партиципативно управување односно соработка со опозицијата, стопанството, научната фела, синдикатите како би се надминале поседиците од кризата.

Ние во моментот се наоѓаме во криза којашто е најголема после големата економска криза по 1929, 1933 година. Имаме здравствена пандемија, имаме енергетска криза, европска енергетска криза којашто се прелева и кај нас и имаме економска криза којашто е предизвикана од таа енергетска криза. Во такви услови да барате избори со што ќе ги стопирате сите економски процеси, а на граѓаните немате што ново да им понудите е несериозно. ВМРО-ДПМНЕ не понуди ништо ново, тие велат сакаме избори, секој ден сакаме избори – рече Ковачевски во „Само Интервју“ на Канал 5.

Премиерот им ги отвора вратите за соработка на сите оние кои се расположени да придонесат во справувањето со предизвиците наметнати од здравствената и економската криза. Но, како што кажа тој не е човек кој подлегнува на уцени.

Јас повикав на партиципативно управување, тоа значи дека ја повикувам и опозицијата, и академијата, и стопанските комори, и синдикатите, заедно да соработуваме во услови на криза за да може да направиме помали негативни последици во однос на стопанството и на граѓаните. Сите оние кои сакаат да го направат тоа вратите им се отворени, меѓутоа барањата на ВМРО-ДПМНЕ во однос на единствено предвремени избори, тоа претставува уцена. Јас сум човек што не подлегнува на уцени и не работи под уцена – изјави премиерот.

Претседателот на Владата, истакна дека е отворен за разговор со опозицијата, во најбрзо време ќе го контактира Мицкоски да разговараат на теми кои се најголем предизвик за државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.