Премиерот Димитар Ковачевски по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека Мицкоски барал услови за прифаќање на францускиот предлог кои немаат поврзаност со идентитетот и јазикот. Ковачевски избегна да одговори конкретно дали ги прифаќа или отфрла трите
предлози на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, но посочи дека не е загрозен идентитетот и јазикот.

Сите тие услови што ги наметнува Мицкоски се однесуваат на работи кои не задираат во чистиот македонски јазик, во идентитетот, ниту во самобитноста од било кој аспект, одговори Ковачевски на прашањето дали за него условите од ВМРО-ДПМНЕ за поддршка се прифатливи.

Нашиот Устав предвидува граѓани кои се самоопределуваат на друг начин и може да побараат да ги има во Уставот. Тука се Бугарите, Црногорците и Хрватите, а и египќанската заедница е значајна заедница. Тоа е прашање кое треба сите 120 пратеници да го поддржат, рече Ковачевски по консултациите со претседателот на најголемата опозициска партија.

Тој не очекува дека опозицијата нема да гласа кога за отпочнување на преговорите со ЕУ ќе треба двотретинско мнозинство за отворање на Уставот и внесување на Бугарите во истиот.

Во моментот кога ќе дојде да се одлучува за вклучување на овие граѓани во преамбулата на Уставот, очекувам дека сите ќе бидат на висината на задачата, подвлече шефот на Владата.

Од агендата на широката консултација, преостанале уште некои други опозициски партии и дискусија во Собранието.

По консултативниот процес, сите мислења ќе бидат доставени до Владата, по што Владата ќе ја донесе одлуката и како извештај ќе ја испрати до Собранието за прифаќање на францускиот предлог.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.