Европскиот предлог претставува солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја. Процесот за носење конечна одлука е транспарентен и со јавноста се споделуваат сите детали со цел информирањето да биде објективно од институциите на државата, истакнаа премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи на средбата со дипломатскиот кор во земјава.

На средбата, како што информира владината прес-служба, присуствуваа амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз, амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер, в.д амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Џулија Смит, в.д амбасадорот на Италија, Марио Де Роса, како и заменик амбасадорот на Германија, Ото Граф.

Ковачевски и Османи ги информираа амбасадорите за текот на широките консултациите кои Владата ги води со медиуми, експертски групи, политички аналитичари, коалициони партнери, опозицијата и останати партнери и соработници. Амбасадорите присутни на состанокот дадоа поддршка за транспарентниот начин на спроведување на процесот, како и за силните заложби на Македонија и стратешките определби за соработка и партнерство со САД и ЕУ. Беше заклучено дека неопходно е и натаму да се градат и поддржуваат демократските вредности како единствена определба која води кон напредок, просперитет и подобри услови за живот на граѓаните во земјата, се наведува во соопштението од Владата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.