Претседателот на Владата на Република Македонија денеска го прими министерот за надворешни работи на Република Грција Никос Дендијас кој е во еднодневна посета на нашата земја.
 
На средбата беше истакнато дека Владата на Македонија е фокусирана на зајакнување на стратешкото партнерство меѓу двете земји со силна посветеност за исполнување на обврските кои произлегуваат од Договорот од Преспа и изразената подготвеност за целосно спроведување на Акциониот план за интензивирање и збогатување на соработката помеѓу Република Грција и Република Македонија.
 
Во таа насока на средбата беа споделени информации за текот на организацијата на вториот состанок на Советот за соработка на владите на високо ниво, како и за подготовките за одржување на првиот состанок на Комитетот за деловен дијалог кој треба да се одржи во текот на оваа година.


 
Од овој состанок, на кој треба да учествуваат претставници на стопанските комори на двете земји и раководните менаџери на повеќе компании, се очекува натамошно унапредување на економските односи меѓу Македонија и Грција која е четврта земја по вредноста на трговската размена која од година во година бележи постојан раст.
 
За време на разговорот беа потенцирани заложбите на Грција за целосен ангажман и активна поддршка на Македонија во европската интеграција при што беше потенцирано дека Атина ќе продолжи со ангажманот за усвојувањето на преговарачката рамка и за формалниот почеток на пристапните преговори со ЕУ.
 
Министерот за надворешни работи на Грција Дендијас го издвои посебниот придонес на Македонија во градењето и зајакнувањето на регионалната соработка, стабилноста и добрососедските односи како посебно значаен аспект за регионот и пошироко.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.